Започна изградбата на нов урбан парк во населба Карпош – втор дел

Започна изградбата на нов урбан парк во населба Карпош – втор дел

Општина Струмица, во партнерство со United Nations Development Programme и со финансиска поддршка од Sweden, започна со реализација на нов урбан парк во населба Карпош – втор дел, во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“.

Новиот парк ќе се простира на површина од околу 14.000 метри квадратни и ќе биде уреден со современа паркова инфраструктура, пешачки патеки, урбана опрема и богати зелени површини. Во рамки на просторот, во втора фаза, предвидена е и изградба на Еко павиљон.

Проектот претставува значајна зелена мерка за подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина. Новиот парк ќе придонесе за апсорпција на штетните честички, прочистување на воздухот, намалување на урбаните температури и создавање здрав и пријатен простор за рекреација и одмор на граѓаните.

Градежните активности започнаа денеска со воведување во работа на компанијата Џови Компани, која го доби тендерот за реализација на проектот.

Проектот опфаќа уредување на пешачки патеки, зони за седење, поставување урбана опрема, корпи за отпадоци и хортикултурно уредување со садење дрвја, грмушки и разновиден дендролошки материјал од автохтони и алохтони видови.

Со реализацијата на овој проект, Општина Струмица продолжува со инвестиции во зелена и одржлива урбана инфраструктура, насочена кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.