Струмица домаќин на Гимназијадата 2026

Струмица домаќин на Гимназијадата 2026

Денеска и утре Струмица е домаќин на Гимназијадата 2026, спортска манифестација која обедини околу 600 средношколци од повеќе градови. Учениците на спортските терени ќе се натпреваруваат во голем и мал фудбал, ракомет, одбојка и кошарка, а истовремено ќе се дружат и ќе создаваат нови пријателства.

На денешното отворање во спортската сала „Парк“ пред учесниците и гостите се обрати градоначалникот Петар Јанков, кој истакна дека Гимназијадата е празник на младоста, енергијата и тимскиот дух.

„Спортот нè учи на дисциплина, упорност, фер игра и меѓусебна почит – вредности кои се важни не само на теренот, туку и во животот. Особено е важно што преку овој младински настан испраќаме порака дека спортот, здравите навики и заедништвото треба да бидат вистински избор за секоја генерација. Во време кога младите се соочуваат со многу предизвици, ваквите настани покажуваат дека спортот има моќ да обединува, мотивира и создава позитивна енергија.

Општина Струмица и понатаму ќе продолжи да вложува во младите, во спортската инфраструктура и во создавање услови каде што секој млад човек ќе може да го развива својот талент и потенцијал. Затоа што вие сте иднината на нашата држава, но и нејзината најголема сила денес. Натпреварувајте се со срце, играјте фер и бидете горди што сте дел од ваков настан. Медалите и пехарите се важни, но уште поважно е да покажете спортски дух, другарство и почит еден кон друг“, порача градоначалникот Јанков.