На Струмичкиот карневал ќе настапат и три карневалски групи од Кукуш, Солун и Лесковац

На Струмичкиот карневал ќе настапат и три карневалски групи од Кукуш, Солун и Лесковац

По пауза од две години, поради пандемијата од Ковид 19, на голема врата повторно се враќа големиот и надалеку познат Струмички карневал со сите други традиционални содржини кои се одржуваат пред и по него, а се дел од нашите карневалски свечености. Градоначалникот Костадин Костадинов и претседателот на Организациониот одбор на карневалот, Александар Цицимов, денеска, одржаа прес конференција на којашто информираа за содржините на годинашното издание на Струмичкиот карневал.

Само два дена не делат од почетокот на оваа убава традиција, а тоа е симболичното предавање на клучот на градот од мои раце во рацете на струмичките карневалисти, па од тој момент ќе следуваат осумдневни бројни интересни содржини, меѓу кои и големиот Струмички карневал, во сабота на 5. март. Тоа значи дека од среда до среда, струмичани и сите гости од страна ќе  имаат можност да уживаат во шаренилото и богатството на карневалските свечености. Со одлука на Советот на општина Струмица определивме еден милион денари за карневалот, а разговараме со Министерството за култура да најдат начин за дополнително да биде поддржан струмичкиот карневал, како вековна традиција, како еден од 6-те највозбудливи настани во Европа и еден од 20-те најдобри улични карневали во светот. Во моментот нема средства од Министерството за култура, но јас сум оптимист и верувам ќе се најде начин оваа наша вековна традиција да биде поддржана. Општина Струмица и јас како градоначалник и покровител на Струмичкиот карневал и карневалските свечености, со задоволство ги поканувам граѓаните да бидат сведоци на продолжувањето на убавата традиција, но во исто време апелирам на одговорност и зачувување на своето здравје и здравјето на другите, рече градоначалникот Костадинов.

Александар Цицимов, кој ја презентираше целокупната програма на карневалот, најави дека сепак ќе се зачува интернационалната димензија на истиот.

Поканивме дел од бордот и националните претседатели на Федерацијата на европските карневалски градови како и директорите на карневалите од земји со кои имаме традиционална соработка. Можеме со задоволство да соопштиме дека 30 од нив ја прифатија поканата со што на карневалот ќе имаме претставници од Холандија, Германија, Словенија, Хрватска, Србија, Турција и Шведска која ќе биде претставена преку интернационалниот претседател на федерацијата Ларс Алгел, кој не почести и со прифаќањето на поканата да биде еден од промоторите на монографијата. На Струмичкиот карневал 2022 година ќе настапат и три карневалски групи од странство и тоа од Кукуш, Солун и Лесковац, рече Цицимов.