Се одржа првата конститутивна седница на Советот на општина Струмица

Се одржа првата конститутивна седница на Советот на општина Струмица

На првата конститутивна седница, градоначалникот Костадин Костадинов, им го честиташе верификувањето на мандатите на членовите на Советот на Општина Струмица и изборот на Марјан Даскаловски за негов претседател и во следните 4 години. Посакувајќи им многу успех и ум во работата, градоначалникот Костадинов потенцираше дека Тој и новите Советници ќе бидат добри соработници во остварувањето на заедничката цел – понатамошен прогрес на општина Струмица и квалитативен раст на животните услови за сите нејзини граѓани.

Најдобрата верзија од Општина Струмица може да ја достигнеме исклучиво преку најдобрата Локална Самоуправа, за пример! Единствен предуслов за ова сте токму вие, Советниците, кои вистински и безрезервно си ја сакаат Општината. Сето останато е посветена работа, насочена кон интересот на граѓаните, доследно спроведување на надлежностите согласно Законот за локална самоуправа и меѓусебното почитување на демократските права и слободи. Знам и уверен сум дека, како избраници на граѓаните, ќе бидеме добри соработници во остварувањето на заедничката цел – понатамошен прогрес на Општина Струмица и квалитативен раст на животните услови за сите нејзини граѓани. А како знак за мојата искрена посветеност и цврста волја кон остварување на оваа мисија, знајте дека кога велам вратата од мојата канцеларија е отворена, пред сѐ мислам на сите вас, Советниците. Знам како треба и подготвен сум моето досегашно искуство несебично да го споделам со вас. Тука сум и ви стојам на располагање за да размениме ставови и мислења и да поразговараме на сите оние теми за кои сметате дека се важни во трасирање на патот кон нашата заедничка цел – општина по мерка на нашите сограѓани. Сето ова се очекува од нас и не смееме да потфрлиме, ниту за момент, рече градоначалникот Костадинов во своето обраќање.