Денес пред споменикот „Македонија“ во струмичкиот градски парк, во организација на Општина Струмица, се одржа чествување по повод 62 – годишнината од раѓањето на вториот Претседател на Република Македонија, Борис Трајковски. За животот и делото на Претседателот Трајковски, пригодна реч одржа градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, кој меѓу другото, ги истакна неговите заложби за интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО. На свеченоста беа доделени награди на авторите на најдобрите творби во чест на Претседателот Трајковски, од традиционалниот конкурс на ЛУБ „Благој Јанков – Мучето“, а беше положено и свежо цвеќе пред споменикот „Македонија“. Во својот пригоден говор, градоначалникот Јаневски рече:
„ Почитувани членови на семејството Трајковски, почитувани сограѓани, почитувани дами и господа
Денес одбележуваме 62 години од раѓањето на македонскиот Претседател и наш сограѓанин, Борис Трајковски. Тој 25. јуни 1956 г. беше посебен ден за пресреќното семејство Трајковски кое одеднаш се зголеми за два нови члена. Мајката Гонца на свет донесе близнаци, две машки деца, па така заедно со својот сопруг Киро, со кого пред тоа имаа еден син, наеднаш станааа родители на вкупно тројца синови. Едно од двете новороденчиња беше токму Борис, човекот кој на крајот од минатиот и почетокот на овој век испиша убави страници од новата македонска историја. Остана запаметен по многу нешта, но пред се како втор Претседател на Република Македонија. Детенцето од моноспитовските сокачиња, момчето од струмичките улици, ученикот во струмичката гимназија, студентот на правниот факултет, верникот, политичарот и човекот, измина можеби кус но многу содржаен животен пат, за да се вивне во височините на македонскиот опстој и да стане и остане бесмртен и по неговата прерана смрт. Ретки се тие луѓе кои останале да живеат меѓу луѓето и тогаш кога физички не се меѓу нив. Тоа е тој, човекот кој ги сакаше луѓето, Божјето чедо кое го сакаше Севишниот Господ Бог, сопругот и таткото кој неизмерно ги љубеше своите Вилма, Сара и Стефан, струмичанецот кој ја сакаше својата родна Струмица и Македонецот кој ја сакаше Македонија, кој се гордееше со Македонија и кој веруваше во Македонија. Ете таков беше Борис Трајковски, кој настојуваше да стави знак на равенство помеѓу она што значи ,,човек,, и она што значи ,,Претседател,,. Токму таа човечност и едноставност беа неговите главни белези, па во тој поглед не сакаше воопшто да се менува. За него и граѓаните и селаните, и земјоделците и работниците и неговите соработници и државниците, беа подеднакво – луѓе. За него воопшто не беше важно кој е кој и кој на каква позиција се наоѓа, туку кој е човек во вистинската смисла на зборот. Беше тоа негова доблест по која уште долго ќе го паметиме. Денес кога ја одбележуваме 62 – годишнината од раѓањето на Претседателот Борис Трајковски, ред е да ја ползуваме фактографијата за неговиот недооден до крај државнички пат. Таа фактографија вели дека Трајковски беше именуван за втор Претседател на Република Македонија на 15. декември 1999 год. Исполнувајќи ги своите државнички обврски, беше посветен на интегрирањето на Република Македонија во Евро-Атлантските структури и тоа го сметаше за едно од најважните стратешки прашања за земјава. Во таа насока, оствари бројни официјални средби со влијателни државници од Европа и светот и на тој начин ги јакнеше билатералните односи на Македонија со мноштво земји од сите светски меридијани, а паралелно се залагаше за просперитет на Македонија на сите можни полиња. Претседателот Трајковски знаеше да каже: “Ние мора да преземеме лична одговорност, не само пред нашите семејства и пред себеси, туку и пред нашите соседи, пред пријателите, како и пред сопствената држава”. Кога зборуваме за Претседателот Трајковски, не може а да не споменеме дека во македонската колективна меморија, тој особено ќе остане запаметен како клучна фигура, која придонесе да стивнат страстите во воениот конфликт во 2001 год. и на тој начин да дојде до елиминирање на опасноста од понатамошно разгорување и проширување на тој конфликт. Неговата мудрост особено дојде до израз со Охридскиот рамковен договор, кој беше основа за враќање на соживотот и подобрување на меѓуетничките односи во државата. Клучно за него беше тоа што со тој договор се зачува територијалниот интегритет на Република Македонија, иако за него знаеше да каже ,„Договорот не е совршен, но ниту еден договор не може да биде совршен “. За Претседателот Борис Трајковски може да се зборува уште многу, и пак на крајот да се остане недоречен. За неговите поминати денови, месеци и години во извршувањето на претседателските должности, малку е едно вакво чествување за да се спомене се она што заслужува внимание и должна почит од нас и од сите други граѓани на оваа наша земја. Можеби вреди да се истакне дека за сработеното во својот нецел мандат, тој доби мноштво меѓународни награди и признанија, меѓу кои и титулата Почесен витез, која му беше доделена лично од англиската кралица Елизабета Втора. Почитувани дами и господа, Претседателот Борис Трајковски сонуваше со отворени очи. Неговиот сон за просперитетна Македонија и за Македонија – членка на ЕУ и НАТО, беше сон поткрепен со силна верба во својата родна татковина. За жал, тој сон беше прекинат на 26. февруари 2004 година, кога во авионска несреќа во близина на Мостар згасна неговиот живот, животите на неговите соработници и членовите на екипажот. Македонија беше завиена во црно, останувајќи без својот Претседател кој имаше само 48 години. Денес кога ја одбележуваме 62 – годишнината од неговото раѓање, мора да имаме на ум дека сите сме должни да го чуваме и негуваме делото на Претседателот Борис Трајковски, а сеќавањата за него да ги пренесуваме и на идните наши генерации. Тоа е најмалку што можеме да сториме за него, бидејќи тој тоа и го заслужи“.