Со претставата „Клетници“ од Виктор Иго во режија на Мартин Кочовски, а во изведба на актерите на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, синоќа, започна 26-то издание на Фестивалот на камерен театар „РистоШишков“. Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот Коста Јаневски. Струмица е единствениот град во нашава земја, кој секоја година на 8. Септември, наместо еден, слави два празника. Ем го чествуваме денот на независноста на Република Македонија, ем ја славиме независноста на актерите. Нека ни е честит денот, нека ни е вековита самостојноста на татковината.
Една година по осамостојувањето на нашава земја, токму во овој храм на културата, група културни работници – ентузијасти, во рамките на манифестацијата под наслов „Денови на Ристо Шишков“ ја востановија идејата и одлуката за организирање фестивал на камерен театар во Струмица, кој ќе го носи името на големиот македонски актер Ристо Шишков. Таа идеја беше спроведена во дело веќе следната година, токму на денешен ден во 1993 г. кога започна првото издание на овој фестивал, кој уште тогаш беше прогласен за прв и единствен театарски фестивал посветен на актерот. И така, оваа културна манифестација, со многу верба и љубов почна да ги ниже своите години на постоење, но и да прерасне од домашен во меѓународен фестивал, како и да стане дел од европската театарска асоцијација НЕТА. И еве сме повторно собрани на истово место, да бидеме сведоци на уште еден актерски собир. Еве сме собрани да му се израдуваме на 26-то издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“. Во рамките на истиот, во петте фестивалски денови, ќе имаме можност да проследиме десет претстави, со настап на актери од Словенија, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и Македонија. Убеден сум дека ќе се насладуваме од нивното актерско мајсторство, истовремено сведочејќи за моќта на културата и уметноста со која најдобро се бришат границите и се рушат јазичните бариери. Се надевам дека фестивалот и годинава, како и во своите претходни 25 изданија, ќе го потврди своето реноме, како една од најрепрезентативните меѓународни културни манифестации во нашиот град, благодарение на кои Струмица, беше и останува еден од највлијателните културни центри во Македонија, рече Јаневски. За единствената награда за високо актерско остварување „Ристо Шишков“ која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра, ќе се натпреваруваат педесетина актери од Македонија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Словенија. Фестивалот се одржува со финансиска поддршка од општина Струмица и Министерство за култура.