Јаневски: Денешниот ден е најзначајниот во поновата историја на нашата татковина

Со достојна почит и пригодна програма, општина Струмица денеска го одбележа 8 септември  – Денот на независноста на Република Македонија. Пред споменикот на Гоце Делчев на истоимениот плоштад, за значењето на празникот зборуваше градоначалникот, Коста Јаневски, кој меѓу другото, рече: Во историјата на нашата родна Македонија испишани се бројни светли страници , а колективната меморија на граѓаните на оваа наша земја памети исклучително значајни  датуми кои ни даваат за право да знаеме кои сме и што сме.

[gallery}08.09.2018{/gallery}

Од тие датуми со кои премостуваме далечни и блиски временски дистанци, денес е денот за кој со право велиме дека е најзначајниот и најбележитиот во поновата историја на нашата татковина. Тоа е денот кога Република Македонија, благодарение на волјата на нејзините граѓани се избори за статусот на независна држава. На страницата резервирана за месец септември од нашите календари, бројот осум е напишан со црвена боја, за да си спомнуваме на оној 8. Септември 1991 година кога станавме граѓани на самобитна Македонија. Овој ден е наш ден, но и ден на Илинденците и Асномците, ден на нашите дедовци и прадедовци, но и ден на сеуште неродените синови и ќерки, внуци и правнуци кои ќе ја љубат Македонија како земја на своите корени, како земја на едно вчера, денес и утре. Ако во првите години од независноста, причините за некакви недоследности и несогласувања, ги баравме во плуралното неискуство и во боледувањето од некакви детски болести како држава, тогаш денес, по 27 години од крунисувањето на македонската самостојност, мора сериозно да бидеме загрижени за поделбите кои се уште остануваат и се продлабочуваат, па како такви сериозно го обременуваат нашето секојдневие. Борбата против нагласената политичка поларизација, закопувањето на суетите и интересите на одредени поединци или политички субјекти и враќањето на сеопштите вредности, се од приоритетно значење за Република Македонија, особено сега, кога пред сите нас е исправен исклучителниот предизвик кој со себе го носи претстојниот референдум на 30. Септември. Доколку биде свртена нова страница, заснована на единство, разбирање и почитување на вредностите, и доколку опстоиме во намерата, долгогодишниот сон да го претвориме во јаве, тогаш Република Македонија непречено ќе го продолжи својот пат кон убавата иднина. Во тоа мора да веруваме, но за тоа мора и заеднички да се избориме, рече градоначалникот Коста Јаневски на денешното одбележување на Денот на независноста. Пред споменикот на Гоце Делчев беше положено свежо цвеќе, а членови на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“, рецитираа револуционерна поезија.