Струмица прва општина со постапка за заштита на природата со одржливо користење на диворастечки-природни производи

Во организација на Општина Струмица и Натура Нова од Струмица, денеска, се одржа завршна работилница на која беа презентирани резултатите од проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ кој е финансиран од Европската Унија, а се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Коста Јаневски потенцираше дека Струмица е прва Општина во државава која поведе постапка за заштита на природата со одржливо користење на диворастечки-природни производи во својот регион. Целта на овој проект и на сличните нему  е да помогне да се заштитат природните ресурси, истовремено подобрувајќи го и квалитетот на животот на локалното население. Најважно од се,   секако е заштитената палета производи и нивни преработки од 15 видови други шумски производи од планината Беласица, а тука се и креираните мапи со хабитати на шумски производи, пилот системот за одржлива употреба и контрола на биодиверзитетот на Беласица, како и обуката на регистрирани собирачи и обработувачи на шумски производи и персонал за контрола на пилот-системот и негово соодветно промовирање. Со реализацијата на овој проект, Општина Струмица е прва Општина во државава која поведе постапка за заштита на природата со одржливо користење на диворастечки-природни производи во својот регион, преку заштитени локални производи, брендирани како „Беласица – природен производ“.  Се разбира, ваквиот позитивен пример треба да го следат и другите локални самоуправи во земјава, рече градоначалникот Јаневски.