Во основното општинско училиште „Герас Цунев“ во населеното место Просениково во тек се градежни активности за подобрување на енергетската ефикасност со поставување на термоенергетска фасада. Градежните работи ги изведува фирмата Жико Стил која го доби тендерот на електронското наддавање и за овој зафат понуди најниска цена во износ од 550.000 денари.
Покрај термоенергетската фасада ќе се постави и внатрешна изолација на училиштето, за која се издвоени 150.000 денари со што вкупната вредност на овој зафат изнесува 700.000 денари. Според директорот на училиштето, Ванчо Манолев, во наредниот период се планира и јавна набавка за промена на прозорците на блокот од училиштето во износ од 450.000 денари. По завршување на овие активности, во текот на летниот период планирана е реализација на капитална инвестиција во износ од 3 милиони денари за инсталација на топловодно греење. Со сите овие активности, кои се финансираат со помош на општина Струмица и градоначалникот Зоран Заев, ќе биде заокружен проектот за подобрување на термоенергетската ефикасност на училишниот објект.