Секретарот на општина Струмица, Кирил Парталов, денеска, одржа прес конференција на која ги демантираше и ги нарече гнасни, дрски и неумесни лагите кои вчера ги кажа Катица Марангозова на прес конференцијата на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.
Интегрален текст од прес конференцијата на Кирил Парталов:
Почитувани,
Вчера се случи уште една трагикомична прес конференција на ВМРО ДПМНЕ од Струмица. Велам трагикомична затоа што е трагична за нив и комична за целокупната јавност. Замислете, во обид да го забошотат хаосот во нивната партија и хаосот во нивните глави, луѓето од ОК на ВМРО ДПМНЕ измислуваат некаков хаос во општинската администрација. Да беа на страната на вистината, ќе можеа да ги прашаат бројните членови на ВМРО ДПМНЕ, кои се дел од општинската администрација, за да дознаат дека не е така како што велат. Гнасна, дрска и неумесна лага е дека вработени во Општина Струмица се носат на партиски протести низ Македонија. Последниот таков протест на кој можеби присуствувале дел од вработените во општинската администрација, и тоа по сопствена желба, се случи минатата година на 17-ти мај , значи пред повеќе од една година. А тој 17-ти мај беше недела, значи – неработен ден. Ако пак Катица Марангозова алудира на протестите кои секојдневно се одржуваат во Струмица, тогаш треба да знае дека тие се одржуваат во вечерните часови, не во работното време, и на истите учествуваат граѓани по сопствена желба и волја, без разлика каде припаѓаат и во која институција работат.Наспроти тоа, Марангозова треба да одговори, зошто институцијата на која таа и припаѓа ги откажа сите закажани прегледи во „мој термин“, кога вработени во државни институции по партиска директива беа носени за Скопје на контрапротестот на ГДОМ организиран од ВМРО ДПМНЕ. Тоа пред само една недела го потврди и официјалниот извештај на ОБСЕ и ОДИХР. Значи сето тоа што се случува во државните институции, Марангозова и ВМРО ДПМНЕ, неумешно сака да прикаже дека се случува во Општина Струмица.Што се однесува пак до споменатите четворица вработени во Општина Струмица, точно е дека тројца од нив повремено патуваат за Скопје, но со цел да бидат при рака на градоначалникот Зоран Заев, но за потребите на општината. А зошто градоначалникот е често пати отсутен од Струмица? Одговорот е, за да се справува со катастрофалната состојба во која се наоѓа државата по вина на ВМРО ДПМНЕ.