Во организација на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија , Општина Струмица и Кинотека на Македонија синоќа во НУЦК „Антон Панов“ започна тридневната Ревија на руски воени филмови во рамките на одбележувањето на 75-годишнината од почетокот на Големата татковинска војна. По поздравното обраќање на претседателот на Советот на општина Струмица Јосиф Христов и на претставникот на Руската Амбасада Станислав Лупин, љубителите на филмската уметност имаа можност да го проследат рускиот воен филм „Белиот тигар“.
На настанот му претходеше средба на претставниците на Амбасадата на Руската федерација со членовите на Претседателството на Општинскиот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ, во Домот на АРМ, а беше положено и свежо цвеќе пред Споменикот на револуцијата во Градскиот парк.Претставниците на Руската Амбасада денес ја посетија и детската градинка „Парк“ при што донираа играчки и спортски реквизити.Со овие активности уште еднаш се потврди извонредната соработка што Општина Струмица ја има со Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија. Во изминатиот период таа соработка резултираше со низа други активности, како и со продлабочување на односите на повеќе полиња со градот Електростаљ-Московска област.