“Струмица нека биде предвесник на нашата блиска Европска иднина. Во тоа име подигнуваме 30 знамиња, од кои 27 на сите земји членки на Унијата а останатите три: на Европската Унија, Македонија и на Струмица.” рече Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев обраќајки се по повод одбележувањето на 9 ти Мај – Денот на ЕУ.
Со подигање на 30 знамиња, Општина Струмица го одбележа Денот на Европската унија. Пред присутните се обрати Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев кој рече:
„Бидејќи и денес се сметаме како неделиво парче од Европа, еве како со сета радост го славиме и одбележуваме 9ти Мај – Денот на Европа, и тоа на само нам својствен начин. Струмица како дел од тромеѓето на нашава земја со две членки на ЕУ, нека биде предвесник на нашата блиска Европска иднина. Во тоа име подигнуваме 30 знамиња, од кои 27 на сите земји членки на Унијата а останатите три: на Европската Унија, Македонија и на Струмица. Од денес па во иднина нека се веат овие знамиња и го красат центарот на Европска Струмица. И ако некој се запраша зошто токму овде, на ова место, одговорот би бил, затоа што оваа урбана широчина ја симболизира широчината на струмичани по прашањето на македонското Евроинтегрирање, и затоа што во близина е споменикот на човекот, кој европски размислувал кога го разбирал светот како поле за културно натпреварување меѓу народите. Тогаш ајде да го сториме она што сме го наумиле, ајде нека нашата подготвеност за разбирање и соработка ја покажеме на дело.”
30-те знамиња остануваат на Плоштадот Гоце Делчев кои од денес ќе бидат нов симбол кој ќе го претставува Европскиот дух на Градот под Царевите Кули.
Манифестациите по повод Денот на ЕУ продолжија со културно уметничка програма во организација на КУД Тримери.