Претседателот на Советот на општина Струмица, Зоран Ристов положи цвеќе пред споменикот на паднатите борци на НОАВМ во малиот градски парк и одржа реч за значењето на празникот.
“Овој исклучителен и голем настан и ден за целиот свет и за целото човештво, со должно внимание го одбележуваме и ние, затоа што и нашава држава и македонскиот народ зеде активно учество во извојувањето на победата над фашизмот, рамо до рамо со сите прогресивни народи.
Денес кога ја прославуваме 62-годишнината од денот на победата над фашизмот не смееме да заборавиме дека во истиот ден се одбележува и Денот на Европа. Република Македонија како земја со кандидатски статус за влез во Европската Унија, прифаќајќи ги европските вредности на соживот, разбирање, помирување, стабилност и просперитет, со полно право го одбележува овој ден како свој, со надеж дека во блиска иднина и формално тоа ќе и припаѓа. Уверен сум, дека нашава земја ќе знае мудро да ги извлече поуките од двата настана кои се спојуваат во денешниов ден.”
Ова е дел од пораката што Претседателот на Советот на општина Струмица, Зоран Ристов ја испрати на денот кога се одбележува победата или крајот на злото што го продуцираше фашизмот.
Претставници на Општина Струмица предводени од Ристов положија свежо цвеќе пред Споменикот на НОАВМ, а членови на рецитаторската секција при Домот за деца и млади читаа револуционерна поезија инспирирана од народноослободителната и анти-фашистичка војна.
Свеченостите по повод 9 ти Мај продолжија на Плоштадот Гоце Делчев.