Струмица ја доби првата Пречистителна станица по европски стандарди во Македонија

Во општина Струмица денеска беше пуштена во работа првата Пречистителна станица за третман на отпадни води изградена по европски стандарди со што трајно се решава проблемот со отпадните води во општината и се подигнуваат стандардите за заштита на животната средина.Стартот беше означен со заедничко притискање на копчето од премиерот Зоран Заев, амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуил Жбогар, градоначалникот на Струмица,

 

Коста Јаневски и членот на Управниот одбор на ЕВН Груп, Франц Митермаер. Ми претставува огромна чест што сум во мојот роден град на еден ваков значаен настан заедно со моите сограѓани да го одбележиме моментот кога Струмица за прв пат добива Пречистителна станица, а со тоа поздрава и почиста животна средина. Ова е желба на целиот Струмички регион од нашата независност. Знаејќи дека сме најголем производител на раноградинарски производи, ова дефинитивно ќе не стави на мапата на квалитетно и еколошко производство на земјоделските производи. Општина Струмица отсекогаш беше лидер во спроведувањето на модерни и нови технологии и решенија. За таков тип на проекти се залагав и ги спроведував додека бев градоначалник и особено ми е драго што тој тренд продолжува во мојата Струмица. По тој прогресивен пат чекори и Македонија напред. Владата на РМ има јасна определба да соработува со општините во изградба и реализација на вакви капитални проекти, истакна во своето обраќање премиерот Заев. Пред присутните зборуваа и амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуил Жбогар, министрите за финансии и животна средина и просторно планирање, Драган Тевдовски и Садула Дураки, како и членот на Управниот одбор на ЕВН Груп, Франц Митермаер. Инсталираните капацитети во Прочистителната станица која е сместена во селото Сачево, го опфаќаат градот Струмица со 53.419 жители и 12 населени места, со дневен капацитет на отпадни води од 9.458 метри кубни. Средствата во износ од 6,5 милиони евра се обезбедени од фондовите на Европската унија.