Во чест на Денот на независноста на Република Македонија, утре во НУЦК „Антон Панов“, свечено ќе биде отворено 24. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.
Според зборовите на директорот на фестивалот, Ване Ристов Патриков, во петте фестивалски денови, од 8. до 12. септември, љубителите на театарската уметност ќе имаат можност да проследат 15 претстави од Србија, Бугарија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Албанија, БИХ, Австрија и Македонија, како и четири пропратни содржини посветени на патронот на фестивалот, а по повод 30-годишнината од смртта на Ристо Шишков. Претставите ќе се играат на трите фестивалски сцени во Центарот за култура, а актерската игра ќе јаследи и оценува петчлена меѓународна жири комисија. И годинава ќе биде доделена единствената награда за високо актерско достигнување, како и наградите кои ги обезбедува НЕТА. Наградата „Ристо Шишков“ и годинава се состои од 1500 евра, во денарска противвредност, како и златен ланец со медалјон со ликот на Ристо Шишков. Фестивалот за отворен ќе го прогласи градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, а и оваа година ќе се одржи под покровителство и финансиска поддршка на Општина Струмица.