Синоќа на струмичкиот плоштад „Гоце Делчев“, свечено беше отворено шестото Југоисточно европско првенство во спортска ориентација и 26. „Струмица ОПЕН“, во организација на Македонската орентациона федерација и Орентациониот клуб „Еделвајс“ од Струмица.
Оваа значајна спортска манифестација ја отвори градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев. Тој во својот пригоден говор, го истакна значењето на Денот на независноста на Република Македонија, а обраќајќи им се на учесниците на шампионатот, меѓу другото истакна: „Во овие пет натпреварувачки дена, Вие ќе се натпреварувате под боите на Вашите државни знамиња, но уште поважно од тоа, но и од самите постигнати резултати, ќе биде, вие безмалку петстотините овде присутни спортисти, да покажете дека спортот е повеќе од спорт, дека спортот значи пријателство, соработка, разбирање, подадена рака и рушење на сите постоечки бариери меѓу луѓето. Ако успеете во тоа, во што не се сомневам, на крајот сите ќе бидете победници“. По чинот на свеченото отворање, градоначалникот Заев ги додели првите медали за најуспешните натпреварувачи во првата трка која се одржа во Радовиш. На градоначалникот Заев, во знак на благодарност за покровителството на првенството и континуираната несебична морална и финансиска поддршка за спортската ориентација, и за спортот воопшто, организаторите на првенството му доделија пригоден медал.