Почитувани граѓани,
Секојдневно сме сведоци на зачестена и загрижувачка појава на вандалско уништување на голем дел од општите добра кои со Ваши пари се поставени или изградени од страна на Општина Струмица. Со таквата појава, не само што се прави огромна штета на општината, туку и се загрозува Вашата безбедност по животите. Покрај уништувањето на урбаната опрема, како што се клупите и кантите за смет, деновиве се извадени или уништени и заштитните капаци од голем број столбови за улично осветлување на булеварот „Маршал Тито“, а постојат сомнежи и за уништување на електронските уреди на некои од семафорите во градот. Им благодариме на сите совесни граѓани кои навремено ги пријавуваат таквите девијантни појави.
Согласно споменатите пријави, Општина Струмица со свои служби и претставници од јавните претпријатија, излегоа на терен и ги констатираа направените оштетувања, по што следуваше пријава до надлежните институции за откривање на сторителите. Сите насилно направени дефекти навремено се отстранети и уличното осветлување и семафорите се ставени во функција.Апелираме до сите Вас да ги чувате заеднички создадените вредности и да го пријавувате секое вандалско однесување или оштетување на поставената опрема или уреди. Тоа може да го сторите преку телефонската линија на 192, МВР-СВР Струмица или во „Систем 48“ на бесплатниот телефонски број 0800-148-48. Партнерството помеѓу Вас-граѓаните и Општина Струмица, кое со години го градиме на взаемно задоволство, треба да продолжи и во иднина, во интерес на нашата заедничка општина и на сите што живеат во неа.