Во присуство на градоначалникот Зоран Заев, членови на Советот на општина Струмица, претставници на Општина Струмица, политички партии и институции, како и на граѓани, денес пред Споменикот на револуцијата во градскиот парк, се одржа свеченост по повод 11. Септември – Денот на ослободувањето на Струмица. На свеченоста организирана од Општина Струмица, за историографијата и значењето на празникот, пригодна реч одржа претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.
„За Струмица и струмичани, овој ден е повеќе од празник. Тоа се 72 години растеж, 72 години стремеж кон поубаво утре и конечно, 72 години продлабочена љубов меѓу градот и граѓаните. Таа љубов, таа нераскинлива врска, е клучниот фактор за успешниот опстој на ова парче од македонската земја. Овој светол ден не бара премногу од нас. Бара само малку внимание и почит, и рамноправен третман со другите значајни датуми од нашата богата историја. Бара само толку, ни помалку , ни повеќе. Ние сме тие што сме должни тоа да го исполниме. Тоа, овој ден и овој град го заслужуваат, како што го заслужуваат и Благој Јанков – Мучето, Герас Цунев, Сандо Масев, Јоска Свештарот, Боро Џони, Киро Минанов, Боро Поцков и останатите борци за слободата на Струмица и Македонија“, истакна Христов меѓу другото, во својот празничен говор.Во рамките на свеченоста, беше положено свежо цвеќе пред Споменикот на револуцијата, а членови на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“ кажуваа стихови со револуционерна содржина во чест на празникот. Во алејата на младите во градскиот парк беше засадено дрвце на другарувањето.