Домот за деца и млади „Благој Мучето“, како институција чија што главна мисија се децата и младите, нивниот развој и креативна улога во општеството, со повеќе активности ќе ја одбележи Детската недела која што оваа година се одржува под мотото „И децата се прашуваат“.
Одбележувањето стартуваше денеска од пред домот на АРМ каде што ученици од основните училишта во општината и регионот цртаа на асфалт. Според Светлана Мазгалоска Вучетиќ од домот за деца и млади „Благој Мучето“, активностите кои започнаа денеска ќе траат до 15 октомври.Активностите ги продолжуваме во текот на неделата со главната манифестација која што е многу важна за првоодделенците, а тоа е нивниот свечен прием во Детската организација кој што ќе се случи во центарот за култура „Антон Панов“ со соодветна програма од домот за деца и млади „Благој Мучето“ и потоа со прием во кабинетот на градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев. Потоа продолжуваме на 12 и 13 октомври со изложба на ликовни дела создавани на мотото на Детската недела, а кои што се пристигнати на конкурс кој што не е само ликовен туку е и литературен и најдобрите ќе бидат наградени со симболични награди кои ќе ги поттикнат децата на понатамошна работа. Сето ова што го правиме е од децата и за децата и се надеваме дека на овој начин ќе ги поттикнеме да учествуваат и соработуваат во активностите кои што ги организира домот за деца и млади „Благој Мучето“, рече Вучетиќ.