По повод денот на заштитниците на градот – Св. 15 Тивериополски Свештеномаченици, Советот на општина Струмица одржа свечена седница на која традиционално беше доделена годишната општинска награда и наградата за животно дело за 2016 година. На седницата која што се одржа во центарот за култура „Антон Панов“, покрај членовите на Советот присуствуваше и градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев и поголем број гости, а за значењето на празникот зборуваше Јосиф Христов, претседател на Советот.
Се собравме вечерва да го споделиме задоволството од непобитната вистина, дека сме му верни на аманетот, дека опстојуваме во заложбата да ја негуваме духовната традиција, дека си го сакаме градот кој го имаме за свој. А утре, кога ќе осамне уште еден 11. декември, ќе имаме извонредна причина да бидеме горди на возвишените вредности, кои од колено на колено, од дедо на внук, од татко на син, ни биле дарувани како непроценлив духовен дар. Ползувајќи ги благодетите од таквиот дар, ред е повторно да го сториме нашето поклонение, нашето чествување, нашата почит кон оние кои пред помалку од 17 векови, не ги штеделе своите животи во името на нешто што е свето и вонвременско, а тоа е љубовта кон Севишниот. Тоа се апостолите, кои си зеле за задача, таа љубов кон Христа да ја споделат со луѓето кои живееле на територијата на Тивериопол, проповедајќи го и ширејќи го христијанството. Да не беа тие, кој знае дали денес ќе ја имавме христијанската почит со сите нејзини нишани, кој знае дали вербата ќе ни беше поткрепа на нашите животни патеки, и кој знае дали ќе бевме тоа што сме денес. Тоа се тие, Светите 15 Тивериополски Свештеномаченици, заштитниците на Струмица, чиј култ го негувале генерации и генерации наши сограѓани – возљубени чеда во Господа. Тој култ го негуваме и ние, и дај Боже да го негуваат и нашите идни поколенија, за многу години и векови нанапред. Тоа светителите го заслужиле, затоа што нашите духовни вредности, нашата вера, надеж и љубов во Христа, се нивно дело, рече Христов.
Градоначалникот Зоран Заев и дел од советниците присуствуваа и на Светата божествена литургија која што се одржа во црквата Св.15 Тивериополски Свештеномаченици.
Годишната награда на општина Струмица „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици” за 2016 година како признание на општина Струмица за посебни остварувања им беа доделени на:
М-р Ана Витанова Рингачева– за особен придонес во областа на науката, литературата и културата;
Александра Јанева– за особен придонес во областа на музичката дејност;
Билјана Серафимовска – за особен придонес во областа на алпинизмот;
Васка Тасева – за особен придонес во областа на образованието и културата;
Горан Кукиќ – за особен придонес во областа на музичката дејност;
Атанас Пандев- за особен придонес во областа на хуманоста и крводарителството;
Проф.Даница Стојанова – за особен придонес во областа на музичката уметност и култура;
Како општествено признание за вонредно значајни остварувања од посебен интерес на општина Струмица и Република Македонија, беше доделена наградата „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици” за животно дело во 2016 година на Иван Котев – за особен придонес во областа на науката, литературата и културата.
Наградата за животно дело се состои од диплома, плакета, бронзен медал и парични средства во износ од четири просечни нето плати исплатени во Република Македонија во претходната година.
Годишната награда се состои од диплома, плакета и парични средства во износ од една просечна нето плата исплатена во Република Македонија во предходната година.