Синоќа во домот на АРМ во Струмица се одржа јавна дебата на тема „Волонтерство- има/нема бенефит?!“ во организација на Центарот на заедницата на општина Струмица заедно со членовите на дебатниот клуб на Младински образовен форум во Струмица.За позитивните искуства и стекнувањето вештини кај младите преку волонтерството зборуваа Зоран Узунов, општински просветен инспектор, Спасе Глигоров, раководител на Секторот за управување со човечки ресурси и обуки при општина Струмица и Митко Гогов, претседател на граѓанското здружение „Контекст“.
Во рамките на дебатата се презентираа ставови на два спротивставени тима, афирмациски и негациски тим составени од ученици од Струмица. Тимовите го изнесуваа својот став за и против волонтирањето, која е целта на волонтирањето, зошто е корисно да се волонтира, но и вреди ли да се работи некоја работа без финансиски или друг бенефит, дали некому би помогнале околу нешто без да се очекува било што за возврат.Во дебатата активно се вклучи и публиката споделувајќи позитивни и негативни искуства околу волонтирањето.