Учениците и вработените во општинското основно училиште „Герас Цунев“ од Просениково, денеска го одбележаа патрониот празник. Свечената програма започна со полагање свежо цвеќе пред бистата на херојот Герас Цунев и потсетување на неговиот живот и дело, а продолжи со отпочнување на градежните активности за изградба на нови тоалети во состав на училиштето.
Во училиштето, деновиве се реализираат повеќе активности, меѓу кои е и реализацијата на две капитални инвестиции со кои конечно ќе се реши долгогодишниот проблем со кој се соочуваат учениците и вработените во ова училиште. Имено, од своето постоење па до денес, во училиштето не постоеше фекална канализација, а и санитарните јазли беа одвоени од училишниот објект. Со заеднички залагања на училиштето и општина Струмица, конечно се дојде до решение на овој голем проблем, при што денес ќе започне реализацијата на овој голем капитален проект- изградбата на тоалетите во состав на училишниот објект. Финансиската конструкција на оваа капитална инвестиција од околу 1, 2 милиони денари е затворена со помош на општина Струмица, за што изразуваме голема благодарност до градоначалникот на општина Струмица, г-дин Зоран Заев. До крајот на годината во училиштето ќе се одвиваат и други големи зафати, како што се изградба на детска градинка, две простории за учениците од прво одделение, замена на старите прозорци со нови алуминиумски и поставување на настрешница пред главниот влез на училиштето, со што ќе се стекнат услови и за хортикултурно уредување на училишниот двор. Горди сме што сме дом на 306 ученици кои учат во две смени на македонски јазик, меѓу кои има и ученици-припадници на турската заедница и во кој има образован и разновиден кадар, спој на младоста и искуството, способен да се справи со предизвиците на квалитетната настава. Секојдневно ги подобруваме материјално-техничките услови за работа и работиме на произведување млади индивидуи кои се подготвени да го преземат товарот на градење посветла иднина на свои плеќи, рече во своето обраќање директорот на училиштето, Ванчо Манолев.По повод празникот учениците изведоа богата програма, а беше отворена и ликовна изложба.