Под мотото „Здрава храна за детство без мана“, денеска, во основното општинско училиште „Герас Цунев“ од Просениково се одржа отворен ден за родители. Оваа манифестација се одржува за прв пат и според најавите ќе продолжи да се одржува и наредните години во секој последен работен ден од месец април. Во спортската сала на училиштето беа презентирани повеќе видови на подготвени јадења,
свежо овошје и зеленчук, а целта беше подигање на свеста за здравиот начин на исхрана на децата.Според директорот на училиштето, Ванчо Манолев, овој ден е од големо значење за училиштето, бидејќи на едно место ги собра наставниците, учениците и нивните родители. Потребата за воведување и реализација на еден ваков настан не е случајна, а идејата е поттикната од она што е заедничко за нас како училиште и за Вас како родители, односно она што не поврзува и за коешто постоиме- нашите деца, нашето најголемо богатство! Постоиме и создаваме за нашите деца, наша должност е правилно да ги насочуваме, поучуваме, воспитуваме, да им бидеме најголемата поддршка секогаш и во секое време, во миговите во кои тие, нашите деца, најмногу имаат потреба од нас, зашто децата се иднината во која вложуваме. Токму затоа, чувствуваме потреба од реализација на една ваква активност, во која, преку конкретната тема „Здрава храна за детство без мана“, покрај тоа што ќе придонесеме за развивање на свеста за здравиот начин на исхрана, ние, нивните наставници заедно со Вас, родителите, ќе допреме длабоко во срцата на децата и преку меѓусебна соработка и заедничко дружење ќе ја постигнеме нашата единствена цел- подобра, поздрава и посветла иднина за нашите деца. Затоа, за момент заборавете на сето она што Ви го одвлекува вниманието и одвојте барем дел од Вашето скапоцено време посветувајќи го на своето дете. Ние сме овде токму поради децата, отворени сме за соработка, па преку овој настан испраќаме апел до сите Вас: без оглед на разликите и сличностите во нашите ставови и мислења, без оглед на несогласувањата кои понекогаш се јавуваат помеѓу нас, сепак постои нешто поцврсто кое не поврзува- нашите ученици, односно Вашите деца. Потребни сме си едни на други бидејќи наш заеднички приоритет се децата, рече во своето обраќање Манолев.Од училиштето се надеваат дека соработка со родителите ќе се развива уште повеќе, а ваквите заеднички активности ќе продолжат и понатаму.