Општина Струмица, ЕУ инфо точка Струмица и Европската унија, денеска со свечена програма во домот на АРМ го одбележаа Денот на Европа. За значењето на овој ден зборуваше Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.
Имам задоволство да ве поздравам сите Вас во пресрет на утрешниот двоен празник, во пресрет на утрешните два јубилеја, кога сите слободољубиви и прогресивни граѓани на Европа ќе ги одбележат 70 – годишнината од победата над фашизмот и 65 – годишнината од поставувањето на темелите на современа и обединета Европа. 9 Мај 1945 и 9 Мај 1950 год. се датуми кои со различни но светли бои ја илустрираат европската историја, и истата, од година во година, колоритно ја надградуваат со нови различни содржини. Тоа шаренило од бои, ја прави Европа посебна и единствена, и како таква претставува позитивен урнек за привлекување на различностите. Ако се знае дека Република Македонија, од една страна учествувала во антифашистичката борба, а од друга страна, безмалку две и пол децении континуирано го апострофира својот стремеж за евроинтегрирање, тогаш утрешните два јубилеја, со право ги чуствува за свои. Токму од тие причини, веќе трета година по ред, Општина Струмица во соработка со ЕУ Инфо точка, на пригоден начин, со показ на креативноста на младите струмичани, го одбележува 9. Мај – Денот на Европа. Нашава земја – Република Македонија, непосредно по периодот од нејзиното осамостојување па се до денешни дни, недвосмислено ги истакнува своите аспирации да биде обединета во тие разлики, истакнувајќи ги белезите на своето битисување. Тој долгогодишен сон кој е поткрепен со постојан консензус од сите релевантни фактори во земјава, за жал сеуште останува недосонуван до крај, поради низа надворешни и внатрешни фактори. Но надежта дека тој сон еден ден ќе стане убаво јаве, е нешто што никој не може да ни го одземе. За остварување на таа цел потребни се верба, макотрпна работа за надминување на постоечките бариери, како и доследно почитување и исполнување на сите утврдени европски вредности. Убеден сум дека сите ние ќе бидеме сведетели на тој ден, кој ќе значи голем исчекор за Република Македонија и нејзините граѓани, рече меѓу другото во своето обраќање Христов.Во богатата програма по повод Денот на Европа учествуваа ученици од општинските основни и средни училишта, музичкото училиште „Боро Џони“, децата од градинката „Детска радост“, студиото за модерен балет „Газели“ и школата за странски јазици „АБЦ“.