Денеска во салата на Советот на општина Струмица беше организиран прием за гостите на 11-то издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. Меѓу нив беа и овогодинешните лауреати Боро Стјепановиќ и Киро Урдин.
Од името на општина Струмица ги поздрави и им посака срдечно добредојде, секретарот Кирил Парталов.Имам чест да ве поздравам од името на градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев, од името на вработените во општинската администрација и се разбира од мое лично име, и да ви посакам убав престој во нашиов град. Се надевам дека овогодинешното единаесетто издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ како од организационен аспект, така и по својата програмска содржина ги задоволува Вашите вкусови. Сакам на овогодинешните лауреати, Боро Стјепановиќ и Киро Урдин да им ги честитам наградите и да им посакам уште многу успеси. Квалитетното културно живеење во нашиов град е еден од неколкуте препознатливи белези на Струмица. Малку се градовите во Македонија кои можат да се пофалат со повеќе културни манифестации кои имаат меѓународен карактер и значење. Струмица, иако е мал град, има дури шест такви манифестации. Тука пред се треба да се спомене долговековниот Струмички карневал, еден од 20-те најдобри карневали во светот, Меѓународната струмичка ликовна колонија, која е најстарата колонија во континуитет во Македонија и една од најстарите на Балканот, потоа Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, единствениот македонски фестивал посветен на актерот, Меѓународниот фестивал на афоризам и карикатура, како и фестивалот „Струмица опен фестивал“ кој е убав спој на културата и забавата. Во таа меѓународна културна понуда на Струмица е секако и Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ кој по заслуга на Тивериополската Филмска алијанса и господинот Горан Тренчовски, еве по единаесетти пат се одржува во нашиов град. Сведоци сме дека од година во година, овој фестивал се повеќе расте и се наметнува како респектабилна филмска манифестација во меѓународни рамки. Верувам дека тој растеж ќе продолжи и во наредниот период, на задоволство на сите љубители на филмската уметност. Во тој поглед „Астерфест“ ќе ја има сесрдната финансиска и морална поддршка од општина Струмица, како што ја имаше и во овие 11 години. Ви благодарам што сте во нашиов град и што сте дел од „Астерфест“, рече Парталов.Основачот и директорот на фестивалот, Горан Тренчовски, истакнувајќи го значењето на фестивалот, кој веќе ја почна втората деценија, им се заблагодари на градоначалникот Зоран Заев и Советот на општината за континуираната финансиска поддршка. Благодарност упати и до учесниците и гостите на фестивалот.Во пријатна и опуштена атмосфера присутните на приемот разменуваа впечатоци и мислења за фестивалот.