Од синоќа па до 12 септември, Струмица е местото каде актери од домашната и меѓународната театарска сцена ќе се натпреваруваат за единствената награда за највисоко актерско достигнување во рамките на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“. Дваесет и третото издание на овој меѓународен фестивал го отвори градоначалникот на општина Струмица,
Зоран Заев.Осми септември 1991 – Осми септември 2015. Република Македонија денес ја слави 24 – годишнината од својата независност. Нека ни е честит денот, нека ни е вековита самобитноста на татковината.Една година по осамостојувањето на нашава земја, токму во овој храм на културата, група културни работници – ентузијасти, во рамките на добро осмислените културни содржини под наслов „Денови на Ристо Шишков“ ја востановија идејата, иницијативата и одлуката за организирање фестивал на камерен театар во Струмица кој ќе го носи името на големиот македонски актер Ристо Шишков.Таа идеја беше спроведена во дело веќе следната година, токму на денешен ден во 1993 г. кога започна првото издание на овој фестивал, кој уште тогаш беше прогласен за прв и единствен театарски фестивал посветен на актерот. И така, оваа културна манифестација, со многу верба и љубов почна да ги ниже своите години на постоење, доживувајќи притоа два големи премина, најпрвин од еден во друг век, а потоа и од домашен во меѓународен фестивал.И еве сме собрани на истово место, да бидеме сведоци на уште еден актерски собир, еве сме собрани да му се израдуваме на 23-то издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.Во наредниве пет фестивалски денови, на штиците што живот значат ќе стапнат педесеттина актери од Ерменија, Словенија, Србија, Црна Гора, Албанија, Бугарија и Македонија кои ќе го покажат своето актерско мајсторство, играјќи во 13 театарски претстави селектирани за овогодинешниов фестивал.Нам ни останува да им се насладуваме на плодовите на таквото мајсторство, сведочејќи за моќта на културата и уметноста со која најдобро се бришат границите и се рушат јазичните бариери. Универзалниот јазик на актерската игра како вонвременско премостување на трајните вредности, убеден сум дека и овој пат ќе ги плени нашите срца, и дека сите заедно ќе бидеме горди што по заслуга на НЕТА и на континуираната 23 – годишна надградба, нашиот фестивал го доби заслуженото место на мапата на театарска Европа.Струмица го чува и негува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ како едно од своите лични културни чеда. Но секое чедо треба да има двајца родители кои подеднакво ќе се грижат за него.Споделувајќи ја со Вас радоста за уште една свеќа на неговата роденденска торта, 23-от Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ го прогласувам за отворен, рече градоначалникот Заев.На фестивалската сцена први се појавија актерите од театарот од Шабац со претставата „Каиновата лузна“ од Владимир Кецмановиќ и Дејан Стојилковиќ.За најдобриот актер ќе одлучува меѓународно стручно жири предводено од минатогодишниот лауреат Бајруш Мјаку.