Во организација на Центарот на заедницата, а во соработка со општина Струмица, синоќа во големата сала на домот на АРМ се одржа првата сесија на граѓанскиот форум. Големиот одзив на граѓаните ја потврди нивната доверба во повеќегодишната практика на Општината за партиципативно учество на граѓаните во креирањето на локалните политики.
Идејата и целта на овие форуми е граѓаните да одлучат кои проекти се приоритетни во општина Струмица во четири претходно изготвени стратегии и акциски планови. Ова е проект кој што се имплементира со општина Струмица и Центарот на заедницата, а финансиран е од фондацијата Отворено општество Македонија. Тоа што е важно за граѓаните е тоа што проектите кои ќе ги одберат ќе бидат финансирани од страна на Општината, но и од фонд кој што е во рамките на овој проект во висина од 45 илјади американски долари од кои половина се од фондацијата Отворено општество, а другата половина од општина Струмица. Целта на вечерашната средба е од многуте проекти кои што се предложени, граѓаните да одберат осум до десет најмногу, а на втората сесија ќе видиме кои од тие се најприоритетни. Сите проекти се приоритетни, но мора да видиме кој ќе се финансира и кој всушност е најважен за граѓаните, рече Борис Шарковски од Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип.По презентирањето на планираните проекти од акциските планови за образование, социјална заштита, млади и граѓански сектор од страна на претставниците на Општина Струмица, граѓаните ги утврдија приоритетните проекти.Од граѓанскиот сектор приоритет се даде на обезбедување локален фонд за кофинансирање и предфинансирање проекти и студиски посети и вмрежување од соседни земји, од социјалната заштита приспособување на спортски терени за лица со посебни потреби и финансиска помош за приспособување на индивидуални живеалиша на лица со посебни потреби, од млади вработување на едуцирани млади во бизнис секторот со финансиска помош и поддршка на старт-ап бизниси и од областа на образованието приоритет се даде на реконструкција на училишта и набавка на опрема во кабинети и лабаратории.Утврдените приоритетни проекти општина Струмица ќе ги имплементира во периодот 2015 – 2016 година.