Градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица во континуитет ги негуваат и зацврстуваат односите со збратимените и општините со кои е воспоставена посебна соработка во повеќе области. Една од општините со која е воспоставена соработка е и општина Копер од Република Словенија. Соработката деновиве се интензивираше со посетата на градоначалникот Зоран Заев.
На работниот состанок со неговиот колега, градоначалникот Борис Поповиќ, се разменија искуства, со посебен акцент на позитивните практики на двете општини, а на дневен ред беа и локалниот економски развој, младите и спортот.Домаќините посебно се интересираа за гасификацијата на Струмица која е прва системски гасифицирана општина во Македонија и за подземниот паркинг кој даде голем придонес во решавањето на сообраќајниот хаос во централното градско подрачје. И двајцата градоначалници ги потенцираа големите желби и можности за уште поголема соработка, особено во областа на економијата и привлекувањето на инвеститорите, од која бенефит ќе имаат граѓаните на Струмица и Копер. Соработката меѓу двете општини започна во 2008 година со посетата на градоначалникот Борис Поповиќ на Струмица.