Советот на општина Струмица на денешната 34-та седница го усвои буџетот за 2016 година кој што тежи 1.076.000.000 денари, или со дадената согласност за кредитно задолжување би тежел 1.116.000.000 денари. Тука се вклучени блок дотациите, самофинасирачките активности и донациите кои што ги добива Општината, а основниот дел на буџетот тежи 545 милиони денари кој што зависи само од приходите на општина Струмица.
Според градоначалникот Зоран Заев, во буџетот се проектирани преку 400 конкретни капитални проекти кои што значат решение на проблемите и потребите на граѓаните и развој на Општината.Јас сум среќен за динамиката со која се развива Струмица од проста причина што без разлика дали е период на циклично кризно време или период на прогрес, општина Струмица константно се одржува на тие вредности во буџетите со години наназад, а тоа значи дека актуелните проблеми брзо ги решаваме, а постојано имаме капитални инвестиции кои што го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните кои што живеат и во градот и во населените места. Парите се рамномерно распоредени, односно, една третина се за населените места, две третини се за градот, така ни е и бројот на жители, една третина живеат во населените места, а две третини во градот, иако со приходниот дел и неговото учество, населените места партиципираат со околу 4 проценти, но заради рамномерниот развој и подеднакво создавање на исти кавалитативни услови за живот на граѓаните, без разлика дали живеат во градот или село, тоа значи осовременување на севкупниот амбиент на живот гледано од комунален и инфраструктурен проект. Имаме убави проекти, пред се, предложени од граѓаните преку урбаните и месните заедници, форумите на заедниците. Еве, денеска, можев да соопштам пред сите советници дека од 317 предлози од советничката група на ВМРО ДПМНЕ беа прифатени 151 конкретен предлог, на самата седница паднаа уште десетина предлози кои што исто така беа прифатени и се составен дел на буџетот сакајќи да испратиме една порака до граѓаните дека оваа наша Струмица е наш завет на сите, оставена е обврската на сите, без разлика кој е власт, а кој опозиција во Струмица, се во функција на транспарентното работење, взаемното вградување во добри работи кои што ќе значат решавање на проблеми или реализација на проекти со кои нашата Струмица ќе станува уште поубава од тоа што е денеска. Истовремено, сакам да кажам дека и покрај ваквиот инклузивен однос на општинската администрација и од моја страна како Градоначалник, жалам, што советничката група на ВМРО ДПМНЕ после прифатените повеќе од 160 конкретни проекти одлучи да гласа воздржано, но секако тоа е нивно право. Мене ми е драго што најважниот документ што може да биде донесен во текот на една година, а тоа е буџетот на општина Струмица заедно со програмите за развој на Општината, денеска е донесен и отвара една нова можност за многу убави нови работи кои што ќе ги гледаме во периодот кој што е пред нас. Ќе спомнам само неколку проекти. Една од капиталните работи е мултифункционалната сала, исто така, идната година почнуваме со новата турска населба во горниот дел на градот, се надеваме дека гасификацијата како крупен проект ќе има уште поголем замав, при пејд паркирањето во градот кое што даде одлични ефекти ќе се прошири на второстепните по важност улици во градот ќе се прошири, но ќе пробиеме и огромен пат од Свети Илија до Ловен дом кој што е основа за панорамското поврзување помеѓу Ловен дом и Цареви кули, довршуваме со проектот Цареви кули, ќе осовремениме 50 локации во градот и населените места парковски и хортикултурно и со одредени содржини за децата, ќе отвориме нов центар за невладините организации и уште други проекти кои ќе бидат многу значајни за граѓаните. Од сите доставени предлози во буџетскиот календар кој што почна од први септември и се до усвојувањето на буџетот, преку 80 проценти од буџетските проекти се инкорпорирани и влезени во програмите и буџетот. Сакам да кажам уште една значајна работа, прв пат влегуваме во година во која што општина Струмица ќе нема кредити, ние сме единствена општина во Република Македонија која што нема кредити и прв пат во 2016 година нема да враќаме рати од кредити и тоа и дава дополнителен капацитет на Општината да реши уште повеќе проблеми на граѓаните кои остануваат трајно добро на сегашните и идните генерации. Истовремено би сакал да напоменам дека во 2016 година ни треба учеството на граѓаните во реализацијата на сите овие капитални проекти заради тоа што очекуваме 5 гранта како донации кои што мораме заедно да ги спроведеме, оти Европската унија која дава грантови бара експедитивност и комплетна реализација на тие проект. Идната година почнуваат канализациите во Добрејци, Дабиле и Просениково, вкупната вредност на овие 3 проекти е 1,5 милиони евра и тоа се огромни трајни добра кои што ќе останат со векови за користење на граѓаните и идната година е годината кога ќе почне изградбата на пречистителната станица со добиен грант од 9,8 милиони евра која што ќе реши многу акутни проблеми на граѓаните за кои со години и години наназад се зборувало, а тоа е станица која што ќе ги акумулира сите фекални води кои што доаѓаат од градот и околните населени места Дабиле, Сачево, Просениково, Добрејци и Муртино. Се надевам дека господ ќе дава здравје на сите граѓани во наредната 2016 година за да можеме да се израдуваме на пуштањето во употреба на сите овие конкретни проекти, а кои што денеска Советот со усвојувањето на буџетот ги зацрта за наредната 2016 година, рече градоначалникот Заев.