Здружението Сино Срце ДМ од Струмица ја пушти во употреба својата веб страница која има за цел да овозможи полесен пристап до информации за лицата со дијабетес мелитус како и нивните згрижувачи, која преставува активност од проектот на здружението кој финансиски е поддржан од општина Струмица преку V2 Програмата за социјална заштита за 2015 година.„Во изминатиот период се работеше на идејата како да се креира полесен пристап до информации за Дијабетесот, успешни стории за лица со дијабетес, начини на исхрана и здрав живот и најважното за лицата со дијабетес, контролата на гликемиите.
Не секогаш е лесно да се дојде до информации за овој вид на заболување, а тоа најмногу ги тангира и лицата кои се ,,нови” во оваа работа и на почетокот се најисплашени да прашат или јавно да се информираат за нивната состојба, па затоа најчесто и остануваат неинформирани доволно. Почетокот е најтежок кај лицата со дијабетес, затоа ние како здружение во идниот период ќе се залагаме што повеќе информации да објавуваме на оваа веб страница, да им докажеме преку искуства дека дијабетесот не е ништо страшно и секој кој има дијабетес може да води нормален и квалитетен живот како и тоа дека во Струмица постои здружение кое се грижи за правата и животот на лица со дијабетес“ изјави Енес Исмаилов, претседател на здружението Сино Срце ДМ.Од здружението велат дека во 2016 година ќе се залагаат за промоција на новата веб страница како и медиумско информирање за важноста од гликемиските контроли и навременото дијагностицирање на Дијабетес. Линк Www.sinosrce.com