Почитувајќи го законот за гробишта и погребални услуги, Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ ќе го укине субвенционирањето на погребалните услуги што го добиваа граѓаните на општина Струмица, а за што месечно плаќаа по 85 денари. Усогласувањето со законот, доби зелено светло и од членовите на Советот на општина Струмица на седницата, одржана на 10 јули годинава.
Директорот на „Комуналец“, Зоран Ѓоргиев, денеска објасни зошто јавното комунално претпријатие го укинува субвенционирањето и што добиваа, а што губат граѓаните со законот донесен од владата.
За овие 85 денари што ги плаќаа граѓаните на сметките, добиваа одреден пакет на мерки во делот на субвенционирање на погребалните услуги, значи гробно место во висина од 6.000 денари, сандак од 4.500 денари, крст, венец и рефундирање на 5.500 денари на сметката на фамилијата на починатите. Тоа изнесува околу 15 илјади денари, кои Комуналец, ги собираше од плаќањето на сметките на граѓаните и го субвенционираше тој дел од погребот. Но, со донесувањето на новиот закон за погреб и погребални дејности, на јавното комунално претпријатие му беше наложено дека не може повеќе да врши погребални услуги, туку останува само управител на градските гробишта во градот, со што само се грижи за инфраструктурата и одржувањето на гробиштата. Но, локалната самоуправа и јавното комунално претпријатие, правеа максимални напори тоа да го одржиме во еден временски период колку што може повеќе, за да им излеземе во пресрет на граѓаните бидејќи тие со години ја имаат подмирувано оваа сума на пари. Но, врз основа на законот донесен од владата на ВМРО ДПМНЕ, кон јавното комунално претпријатие беа изречени одредени казнени мерки со кои ни беше наложено да престанеме да ги извршуваме тие услуги кон граѓаните, а со тоа да им го испорачуваме овој пакет мерки, односно субвенционирањето на погребалните услуги. И покрај тоа, ние поведовме одредени постапки против оваа одлука, се жалевме до Управен суд, Виш Управен суд, споровите ги изгубивме и комуналното претпријатие во моментот е казнето со 738 илјади денари глоба заради непочитување на законот за погреб и погребални дејности.Ние, сме принудени да го почитуваме законот, и затоа на последната седница на Советот се изврши усогласување со законот за погреб и погребални услуги и донесовме одлука повеќе да не се наплаќа таа сума од граѓаните, а со тоа да не се даваат и нашите субвенции кон граѓаните. Јас жалам што на седницата на Советот, од страна на советниците на ВМРО ДПМНЕ, оваа одлука не беше воопшто искоментирана, значи воопшто не дадоа поддршка за продолжување на одлуката, туку се однесуваа индиферентно сметајќи дека е донесена од нивна страна, односно од нивната партија, од нивната влада, но сметам дека овие советници требаше да дадат свој допринос бидејќи станува збор за граѓаните на општина Струмица. Бидејќи сите ние, како јавно комунално претпријатие, општинска администрација, советниците, треба да ги штитиме интересите на граѓаните на општина Струмица.
Со оваа одлука, се нанесува огромна штета, не на јавното комунално претпријатие, се разбира освен оваа глоба од 738 илјади денари, поголема штета ќе се нанесе на граѓаните на општина Струмица, особено на семејствата кои што не се во можност во моментот на настанување на таква ситуација, погребување на некој од својата фамилија, да исплатат поголема сума на пари, бидејќи погребалните услуги очигледно стануваат скапи.
Тоа што се даваше месечно, по сума од 85 денари, им дозволуваше на сите граѓани на пристоен начинда ги погребаат починатите. Сега, во овој период, јас искрено се плашам и не знам дали одредени граѓани ќе можат да ги подмират овие давачки кон операторите, особено граѓаните кои се во социјалната категорија, со ниски лични примања, рече Ѓоргиев.