Во рамките на проектот за дополнително урбано уредување и разубавување на јавни површини во општина Струмица на еколошкото друштво „Планетум“, а поддржан од градоначалникот, Зоран Заев, денеска се спроведе првата од петте герила градинарски акции. Членови на „Планетум“, вработени во одделението за заштита на животната средина при општина Струмица, Територијалната противпожарна единица, ЈПКД „Комуналец“ и ученици од средното општинско училиште „Димитар Влахов“ го уредуваа просторот пред противпожарната единица во Струмица.
Се поставуваа саксии изработени од отпаден материјал и се садеа дрвца и цвеќиња.Самиот свет и градовите се многу сиви, потребно ни е повеќе зеленило. Ја упатуваме таа порака и до граѓаните, да се вклучуваат во такви акции. За „Герила градинарство“ потребно е да се има само желба, слободно време можеме да најдеме и неколку растенија кои што можеме да ги посадиме во било кој дел од нашата околина. Значи, да и даруваме на природата со љубов и нормално и таа нам ќе ни врати со љубов, тоа е и пораката која што денеска ја упатува еколошкото друштво „Планетум“ од дворот на Територијалната противпожарна единица каде го уредуваме и засадуваме цвеќиња. Позитивно е тоа што луѓето кои што работат во такви институции и се во близина на јавни површини, имаат желба и иницијатива да се вклучат во акциите и после тоа, што е многу битно, да ги одржуваат таквите акции, рече Ленче Јанакиева – Цицимова од ЕД „Планетум“.Во денешната акција масовно се вклучија и вработените од Територијалната противпожарна единица на Струмица.Оваа не прва акција во која учествуваат пожарникарите на ТППЕ од Струмица, туку, низа години наназад, имаме учествувано во вакви еколошки акции. Ја поздравувам акцијата и заедно со здружени сили со еколошкото друштво „Планетум“, ќе се обидеме да дадеме поубав изглед на самиот круг на противпожарната единица и воедно апелирам до граѓаните и тие помасовно да се вклучат во вакви акции, рече Мијалче Крстев командир на ТППЕ на Струмица.Инаку, овој проект „Планетум“ почна да го реализира од мај годинава и досега се одржани повеќе креативни работилници, а целта е да се промовираат иновативни активности за подигање на еко свеста и еко активизмот, развивање на вештините за реупотреба и практична примена на отпад и зголемување на урбано декорираните површини во Струмица. До крајот на овој и почетокот на идниот месец ќе се реализираат уште четири герила градинарски акции.