Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска возеше велосипед и со тоа даде личен придонес во одбележувањето на Денот без автомобили и во подигањето на јавната свест за зачувување на средината во која живееме. Под мотото „Сите на велосипед“, тој, заедно со граѓаните на општина Струмица учествуваше во завршниот дел на „Европската недела на мобилност“, проект на ЕУ. Градоначалникот Заев ги поздрави граѓаните кои на градскиот плоштад дојдоа со своите велосипеди, упатувајќи порака за поголема употреба на велосипедите.
Ако мотото на овој проект е ,,Нашите улици, наш избор‘‘ тогаш сите ние треба да си придодадеме уште едно мото: ,,Нашиот живот – наш избор‘‘. Мора еднаш засекогаш да сфатиме дека првенствено од нас зависи каков ќе ни биде животот кој го живееме и какво ќе ни биде нашето здравје. Ако е така, тогаш ајде сите на велосипед и тоа не само денес. Ако не постојано, барем што почесто, ем по потреба во секојдневието, ем рекреативно. Ајде да го земеме урнекот на културата на живеење од луѓето кои живеат во високоразвиените западноевропски земји. Мора да си признаеме дека во ова динамично време, автомобилот ни претставува голема потреба, но таквата потреба е минорна во споредба со потребата да ја зачувуваме животната средина и да го сочуваме сопственото здравје. Нам ни останува одлуката, дали на идните наши поколенија ќе им оставиме во наследство купишта автомобили и загаден воздух или ќе им овозможиме слободно да дишат и живеат и на тој начин да можат непречено да го дадат својот влог во развојот на овој град, на оваа општина, на оваа земја и за поубав животен амбиент во Европа и светот. Убеден сум дека Струмица го прави вистинскиот избор и дека пораката што одовде ја праќаме ќе ги даде посакуваните резултати, рече градоначалникот Заев.Во одбележувањето на Денот без автомобили се вклучија и учениците од ликовните секции на општинските основни и средни училишта кои на плоштадот цртаа на повеќе теми.Инаку, општина Струмица со повеќе активности се вклучи во одбележувањето на „Европската недела на мобилност“ која започна на 16 септември, а чија цел беше воведување и промовирање нови алтернативни мерки за транспорт кои ќе бидат оддржливи и ќе придонесат за намалување на штетните емисии на гасови и зачувување на животната средина.