Општина Струмица ги заврши сите подготовки и од втората половина на октомври ќе стартува зонското паркирање. Директорот на Јавното претпријатие „Паркиралишта – Струмица“, Верица Узунова, денеска одржа прес конференција на која информираше за начинот на кој ќе функционира овој современ начин на паркирање, чија цел е средување на сообраќајниот хаос во централното градско подрачје и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Интегрален текст од прес конференцијата
По одржувањето на вчерашната седница на Советот на општина Струмица на која беа донесени Правилникот за начинот и условите на паркирање, времетраењето на паркирањето, односно неговото ограничување и означување на јавните паркиралишта од значење за општина Струмица, како и Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП „Паркиралишта – Струмица“, Јавното претпријатие заокружува една етапа на комплементирање на документацијата околу зонското паркирање и со тоа ќе премине на реализација на планираните активности.
Во интерес на граѓаните ја свикавме оваа конференција за да ги потенцираме деталите во делот на организацијата на паркирањето и динамиката на реализација на зонското паркирање.
Градот СТРУМИЦА ќе биде поделен на ДВЕ ПАРКИНГ ЗОНИ :
- „ЦРВЕНА ЗОНА” – го опфаќа подрачјето на следните улици :
–Бул. „МАРШАЛ ТИТО“ (од Бул. Ленинова-Глобал до кружен тек со Бул. Гоце Делчев и ул. Балканска – фонтана кај поштата);
–Бул. „ЛЕНИНОВА“ (од ул. Маршал Тито-хотел Централ до раскрсницата со ул. 24 Октомври) ;
- “ЖОЛТА ЗОНА”– подрачјето помеѓу границата со ЦРВЕНАТА зона до улиците:
–Бул. „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ (од кружен тек Бул. Гоце Делчев и ул. Балканска до ул. Климент Охридски-семафори кај Жито Струмица);
–Бул. „ЛЕНИНОВА“ (од ул. 24 Октомври до ул. Климент Охридски-излез кон Добрејци);
–Улица „БАЛКАНСКА“ (од кружен тек Бул. Гоце Делчев и Бул. Маршал Тито – фонтана кај поштата до кружен тек кај ЕВН КЕЦ Струмица);
–Улица „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ (од ул. Балканска – хотел Илинден до ул. Маршал Тито-стара чаршија )
–Улица „МАРШАЛ ТИТО“ – СТАРА ЧАРШИЈА (од кружен тек кај ЕВН КЕЦ до Бул. Ленинова- хотел Централ);
–Улица „ДИМИТАР ВЛАХОВ“ (од Плоштад Маршал Тито до ул. Ѓуро Ѓаковиќ);
–Улица „БОРО ЏОНИ“ (од ул. Ѓерас Цунев до ул. Јосиф Јосифовски Свештарот);
-Од Крстосница – ПЛОШТАД „МАРШАЛ ТИТО“, ул. „САНДО МАСЕВ“ и ул. „БЛАГОЈ МУЧЕТО“ до крстосницата ПЛОШТАД „МАРШАЛ ТИТО“, ул. „ГЕРАС ЦУНЕВ“ и ул. „БОРО ЏОНИ“;
-Посебен паркинг простор на КГС ПАРТИЗАН, како и
-Посебен паркинг простор кај Ресторан ЛЕТНИЦА 1.
Организацијата на паркирањето ќе биде изведена во гореспоменатите улици на начин да се овозможи паркинг место за сите граѓани со предност на граѓаните во градот Струмица кои живеат на местата кадешто ќе се имплементира зонското паркирање. Со тоа граѓаните чии што живеалишта или работни места се наоѓаат во наведените зони ќе можат да се здобијат со ПОВЛАСТЕН ПАРКИНГ БИЛЕТ како и да направат резервација на паркинг места за своите возила. Повластен паркинг билет може да добијат и сопствениците на деловни објекти кои гравитираат на подрачјето на зонското паркирање.
За жителите на градот Струмица чии живеалишта се наоѓаат на подрачјето на зонското паркирање ќе бидат обезбедени повластени паркинг билети за најмногу две возила и тоа 0 денари за прво возило и 300 денари за второ возило по месец. Повластените паркинг билети ќе бидат издадени на сите граѓани на кои адресата на живеалиште на сопственикот на возилото по лична карта е идентична со адресата од сообраќајната дозвола.
За сопствениците на деловни објекти чиишто објекти се наоѓаат на подрачјето на зонското паркирање ќе бидат обезбедени повластени паркинг билети за најмногу три возила и тоа за прво возило 1000 денари за второ 2000 денари и за трето 3000 денари. Повластени паркинг билети ќе добие правниот субјект доколку седиштето на упис во централниот регистар е идентично со одресата на сообраќајната дозвола.
Повластувања се предвидени и за физички лица – вработените кај правен субјект кој со своето седиште гравитира на јавната површина наменета за паркирање. Лицето може да се здобие со повластен паркинг билет ако докаже со потврда дека е во постојан работен однос кај правниот субјект (во која ќе биде потенцирано работното време и повластениот паркинг билет ќе важи само во работно време) и образец М1/М2 . Цената на повластен паркинг билет за вработените кај правен субјект е 500 денари по месец.
Лицата со посебни потреби исто така ќе се стекнат со повластени паркинг билети. Во координација со здруженијата на лицата со посебни потреби заеднички се дефинирани паркинг местата се со цел да им излеземе во пресрет на нивните барања и согласно законските нормативи обезбедени се 22 паркинг места кои ќе бидат обележени за нивните потреби. Овие паркинг места ќе го имаат третманот на резервирани паркинг места и доколку корисниците не се лица со посебни потреби ќе бидат отстранети, а истите паркинг места ќе бидат празни.
Резервирано паркинг место може да добие секој барател на паркинг место во зависност од потребите на корисникот и капацитетот на слободни паркинг места на јавното паркиралиште. Резервираното паркинг место организаторот на паркирањето се обврзува да го чува празно и да се користи само за потребите на корисникот заради тоа и цената во зона А и зона Б е повисока.
Плаќањето ќе се врши по пат на СМС ПОРАКА на тел. број 144 144 и преку ПАРКИНГ ГРЕБ–КАРТИЧКА.
Во „ЦРВЕНАТА ЗОНА” паркирањето ќе биде ограничено на максимум 2 (два) часа и ќе изнесува 30 ден./час, додека паркирањето во „ЖОЛТАТА ЗОНА” ќе биде неограничено и ќе изнесува 20 ден./час.
Паркирањето ќе биде од понеделник до петок од 07h-21h и сабота од 07h-17h. Недела и државни празници паркирањето е бесплатно во тек на целиот ден.
Посебно сакам да потенцирам дека со отпочнувањето на зонското паркирање ќе следува период на адаптација во траење од десетина дена во кои паркирањето ќе се врши по пат на смс, но нема да се врши наплата за користењето на паркинг местото. Целта е граѓаните да се информираат за начинот и можностите кои ги имат во делот на организираното паркирање и да стекнат навика во делот на користењето на паркинг местата и поделеноста по зони.
Со тоа ќе придонесеме да се воведе организација на сообраќајот во мирување како и да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот со овозможување ПОВЕЌЕ ПАРКИНГ МЕСТА ЗА СИТЕ.
ЈП ПАРКИРАЛИШТА СТРУМИЦА