Во организација на здружението на граѓани „НОВУС“ вчера и денеска во просториите на Домот на АРМ во Струмица се одржа работилница на тема „Вовед во претприемништво и менаџмент“. Работилницата е дел од проектот „Биди и ТИ претприемач“ кој се реализира со финансиска поддршка од општина Струмица.
Според Глигор Ризов од здружението „НОВУС“, младите покажале голема заинтересираност за учество во дводневната работилница.Работилницата „Вовед во претприемништво и менаџмент“ е дел од проектот „Биди и ТИ претприемач“ кој е целосно финансиран од општина Струмица.Целта на работилницата е младите да се запознаат подобро со поимот претприемништво како клучен елемент во денешното општество. За да добијат подобра перспектива за тоа како функционира претприемништвото на нашите простори, обезбедивме претставник од бизнис секторот во Струмица, кој одржа кратка презентација по која следуваше и интерактивна дискусија преку која беа разјаснети неколку прашања кои ги имаа учесниците. Во рамките на проектот „Биди и ТИ претприемач“ е предвидена и уште една работилница на тема „Маркетинг и ПР“ која ќе се одржи на почетокот на месец ноември, а граѓаните нормално ќе бидат запознаени со истата преку локалните медиуми каде ќе се објави јавен повик и заинтересираните ќе можат да се пријават. Заинтересираноста за оваа едукативна работилница беше навистина голема, што ни дава уште поголема мотивација да продолжиме со вакви проекти преку кои младите ќе имаат можност да научат повеќе за теми кои се блиски до нив и ги интересираат, рече Ризов.