Првиот месец од организирањето на паркинг просторите во градот Струмица преку воведувањето на системот на зонско паркирање даде позитивни резултати, ова е заклучокот по направената анализа, а која денеска на прес конференција ја презентираше Верица Узунова, директор на Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“. Во месец ноември реализирани се околу 12 илјади паркирања со кои е зголемена безбедноста и сообраќајната уреденост во градот.
Интегрален текст од прес конференцијата:
Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“ во изминатиов период со интензивирање на организирањето на паркинг просторите во градот Струмица преку воведувањето на системот на зонското паркирање на граѓаните на општина Струмица како и на посетителите на нашиот град им овозможи да се справат со растечката потреба од паркинг место и сложената мобилност на сообраќајот во мирување и се потруди брзо и економски прифатливо сите лесно да стигнат до слободно паркинг место. Со тоа се придонесе во процесот на намалување на опасностите во сообраќајот со кои граѓаните секојдневно се соочуваат и зголемување на безбедноста особено во централното градско подрачје. Во првиот месец од воспоставување на системот за организирано паркирање, на раположливи 713 наплатни паркинг места, јавното претпријатие овозможи повластено паркирање на 242 возила во подрачјата кои се опфатени со зонско паркирање. Од издадени 198 станарски дозволи, 187 се постојани и тоа 161 дозвола на граѓани кои паркираат со 0 денари месечен надомест, односно бесплатно и 26 дозволи од по 300 денари за второ возило . Останатите 11 станарски дозволи се издадени за привремено паркирање. Триесет и девет дозволи за повластено паркирање за вработени кај правен субјект има издадено јавното прептријатие и 5 дозволи за повластено паркирање на правни субјекти. Во делот на смс паркирањето и паркирањето со греб карти, за месец ноември реализирани се 11. 818 паркинг сесии, од кои 6.653 паркирања преку мобилен телефон и 5.165 паркирања преку греб карти.Непречено се одвиваше паркирањето на паркинг местата означени за лица со посебни потреби, а пајак службата интервенираше во неколку наврати при отстранување на возила кои попречуваа влез или излез од гаражно место.Гледано сумарно, бенефитот од организирањето на паркирањето се покажа како позитивен за сите граѓани на општина Струмица. Тргнувајќи од фактот дека околу дванаесет илјади паркирања се имаат реализирано за еден месец, може да се заклучи дека искористеноста на едно паркинг место е задоволителна земајќи во предвид дека во црвена зона има 6.204 паркирања месечно и искористеноста на едно паркинг место е 37 пати како и 5.856 паркирања во жолта зона и искористеноста на едно паркинг место е 11 пати што укажува дека циркуларот на возила е значително зголемен, а со тоа и иницијалниот мотив за отпочнување на организирањњето на паркирањето е постигнат. Впечатокот дека градот е постојано сообраќајно уреден, со можност за завршување на секојдневните обврски без никаква тешкотија, го потврдуваат и големиот број на граѓани кои не кријат да го искажат задоволството од ваквиот систем. Надоградбата на истиот оди до таму што наши сограѓани се обраќаат до нас како претпријатие и бараат организација на паркирањето и на подрачја кои не се опфатени со првата фаза.Сакам да потенцирам дека јавното претпријатие секојдневно е во тек со случувањата во делот на сообраќајот во движење и мирување, ги прифаќа сите забелешки и сугестии и заедно со останатите надлежни институции и согласно регулативите и нашите можности правиме се да го одржиме задоволството на граѓаните на ниво кое значи спокој и заштита на јавниот интерес. Во таа насока, периодот кој следува ќе биде исполнет со организација и преговори за овозможување на непречено паркирање на граѓаните кои во моментот се соочуваат со потешкотии како би обезбедиле поголемо општествено добро за нашите сограѓани преку обезбедување на повеќе паркинг место за сите.