Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ е комплетно подготвено за справување со последиците од снегот и ниските температури кои што се најавуваат за во наредните денови.
Според Бранко Ѓоргиев, раководител на работната единица „Чистота“, зимската служба на Комуналец веќе втор месец е во приправност и подготвена да интервенира веднаш на улиците и тротоарите.
За итна интервенција ангажирани се 30 луѓе, а на располагање се две возила со нож за расчистување на коловозите во градот, два трактора со циклони за посипување сол и ризла на улиците, мала машина со нож за чистење на снегот од тротоарите и плоштадот, 30 тони индустриска сол и 30 тони ризла. Доколку има потреба, ќе биде активирана и дополнителна механизација.
Инаку, во приправна состојба е и Општинскиот штаб за заштита и спасување чии членови денеска одржаа состанок на кој е договорено да се воведат континуирани дежурства заради следење на состојбата.