Во Струмица се одржа Саем за вмрежување и вработување

Во Струмица се одржа Саем за вмрежување и вработување

Во организација на Центарот за истражување и анализи „Новус“, а во партнерство со општина Струмица, денеска, во Градската уметничка галерија се одржа „Саем на вмрежување и вработување“. Саемот е во рамките на проектот „Иницијатива за социо-економско зајакнување на младите од струмичкиот регион, кој финансиски е поддржан од Европската Унија.

Овој саем е едно од предизборните ветување на градоначалникот Костадин Костадинов во делот за подобрување на економскиот статус на младите во општината, а во негово име, присутните ги поздрави Ице Беличев, член на Советот на општина Струмица.

-Радува фактот што дури триесеттина компании – понудувачи на работни места од нашиов регион се дел од овој Саем, но и тоа што истиот предвидува две панел дискусии со докажани бизнисмени и претприемачи од Струмица и регионот, преку кои младите ќе имаат можност да слушнат убави деловни приказни кои, се надевам, ќе им дадат до знаење дека ништо не е невозможно доколку се има вистинскиот клуч за соништата да се претворат во јаве. Посакувам овој „Саем за вмрежување и вработување“ да биде подеднакво успешен и за компаниите кои нудат работни места и за младите кои бараат работа, рече Беличев.

Со денешниот саем се одбележува и светската иницијатива „Глобална недела на претприемништвото“ која се реализира во повеќе од 200 земји во светот со 10 илјади настани.