Денеска заврши учебната 2019/2020 година

Според одредбите од Календарот за организација и работа на основните училишта во учебната 2019/20 година („Службен весник на Република Северна Македонија, бр. 154/2019) и Календарот за организација на учебната 2019/20 година во јавните средни училишта („Службен весник на Република Северна Македонија, бр. 154/2019), наставната година заврши денеска за сите ученици од основното образование и за сите ученици од средното образование, освен за учениците од завршните години од гимназиското образование и стручното образование со четиригодишно и тригодишно траење, за кои наставната година заврши на 19 мај 2020 година.

Во деветте основни училишта во општина Струмица, од прво до деветто одделение, наставната година ја завршија 4.978 ученици, од кои 2.598 машки и 2.380 женски.

Во трите средни училишта во општина Струмица, од прва до четврта година, наставната година ја завршија вкупно 2.724 ученици, од кои 1.338 машки и 1.336 женски.

Согласно одредбите од уредбите со законска сила за примена на законите за основно и средно образование во вонредна состојба, донесени од Владата на РСМ, наставата во основните и средните училишта  во општина Струмица, се организираше преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација, кои обезбедуваа реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес и кои овозможуваа взаемна двонасочна комуникација. Наставниците ги следеа и користеа и насоките од Упатството за начинот на оценување на учениците во периодот на реализацијата на наставата преку далечинско учење.