Костадинов од Будва: Струмица е сериозен партнер во решавањето на предизвиците со кои се соочува Западен Балкан

Костадинов од Будва: Струмица е сериозен партнер во решавањето на предизвиците со кои се соочува Западен Балкан

Градоначалникот Костадин Костадинов учествува на конференција на Регионалниот хаб на Мрежата на силни градови за Западен Балкан, која денеска и утре се одржува во Будва, Црна Гора.

Во денешното обраќањето пред учесниците – претставници на Стејт Депарментот на Соединетите Американски Држави, градоначалници од Западен Балкан и партнери на Мрежата на силни градови, градоначалникот Костадинов преку стекнати искуства  со конкретни примери го промовираше Локалниот совет за превенција на општина Струмица.

-Денеска со посебна гордост и на мое огромно задоволство сум присутен овде во Будва, Црна Гора, на конференција под покровителство на Мрежата на силни градови, каде што разговараме и ги пренесуваме позитивните искуства, имајќи во предвид дека Струмица е единствената Општина во Република Македонија којашто има функционален Локален совет за превенција. Пренесувајќи го знаењето и претставувајќи се преку практични примери, како ние во Струмица ги решаваме предизвиците, како разговараме, дали станува збор за говор на омраза, дали станува збор за дивите продавачи, стекнуваме нови знаења и нови искуства и од други градови. Таков е примерот со градот Даниловград, таков е примерот со Подгорица преку разговорот со градоначалничката и многу други претставници и градоначалници од Западен Балкан, затоа што доколку навистина сакаме да ги решаваме проблемите со коишто се соочуваат нашите сограѓани, Советите за превенција се една од главните алатки за нивно надминување, изјави во Будва градоначалникот Костадинов.

Општина Струмица на почетокот од оваа година стана член на Мрежата на силни градови, откако нејзиниот Локален совет за превенција беше препознат по решавањето на повеќегодишните проблеми со кои се соочуваа граѓаните.