Струмица го одбележува Денот на заштитниците – Свети 15 Тивериополски свештеномаченици

Струмица го одбележува Денот на заштитниците – Свети 15 Тивериополски свештеномаченици

Струмица и струмичани денеска го чествуваат Денот на заштитниците – Свети 15 Тивериополски свештеномаченици. Одбележувањето на овој голем празник започна во утринските часови во истоимениот црковен храм во кој се одржа Света Божествена литургија во чест на заштитниците, а на која присуствуваа градоначалникот Костадин Костадинов, членови на Советот на општина Струмица, гости и верници од Струмица и поширокиот регион.

Во Центарот за култура „Антон Панов“ се одржа свечена седница на Советот на општина Струмица на која беа доделени годишните награди и наградата за животно дело, а на која присуствуваа поголем број гости меѓу кои, претставници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Католичката црква, Евангелско – методистичката црква и Исламската верска заедница, претставници на дипломатскиот кор, министри и претставници на Владата и Собранието на Република Северна Македонија, претседателот на Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“, градоначалникот на Кукуш, градоначалници и советници од други општини и почитувачи и пријатели на општина Струмица.

За животот, делото и значењето на Светите 15 Тивериополски Свештеномаченици за Струмица и струмичани, зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов.

-Поминаа 1661 или 1662 години од денот на погибието на Свештеномачениците. Овој податок ни кажува многу, ни кажува колкувековна е почитта на неброените генерации струмичани кон верата христијанска и кон оставнината на апостолите, кои ги прогласивме за заштитници на нашиот град. Но, колку и да сме горди на тоа, колку и да  веруваме во тоа заштитништво, нужно е  да знаеме дека Струмица треба и мора да ја развиваме, оставајќи и наши белези во нејзиното постоење. Тој нејзин развој не зависи само од оној кој ја водел вчера, кој ја води денес, ниту од оној кој ќе ја води утре. Успешното патување на Струмица низ времето зависи од сите нас, зависи од нашето заедништво, од нашата сплотеност, од нашата љубов кон вистинските вредности на овој град. Но пред да се сложиме со тоа, мора да сфатиме дека интересите на поединецот или на разните колективитети на кои им припаѓаме, е апсолутно неважен за  остварувањето на високите цели кон кои се стремиме, за доброто на Струмица и струмичани. И сега, пак се враќаме на неубавите нешта од почетокот на овој мој говор. Колку души брои градов, толку огледала ни се потребни. Колку не има возрасни, толку чистилишта ни се потребни, за да влеземе подготвени, чисти и орни за испишување нови поглавја за нашата Струмица. Време е да престанеме белото  да го правиме црно, и обратно. Време е сејачите на ветрот да знаат дека жетвата е бура. Време е повторно да се возљубиме, пред да се изгубиме едни од други.  Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици треба да ни бидат урнек, а Богочовекот Исус Христос да ни биде и пат, и мост, и сила, за заеднички да кажеме јасно и гласно „Нека патува, нека се движи напред, затоа што секое движење значи прогрес, прогрес за Струмица и нејзините граѓани“.

Нека ни е честит и вековит 11 Декември – Денот на заштитниците на Струмица, Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, рече градоначалникот Костадинов.

Добитници на годишната награда „Свети 15 Тивериополски Свештеномаченици“ за 2023 година како признание на општина Струмица за посебни остварувања се: фудбалскиот клуб „Тиверија“ за особен придонес во спортот, Ѓорѓи Хаџи-Котаров за особен придонес во областа на крводарителството и хуманоста, Благој Ѓузелов за особен придонес во областа на планинарството, м-р Зоран Рујак за особен придонес во областа на културата, млекара „Јока“ за особен придонес во областа на економијата и производството, Данче Даскаловска за особен придонес во областа на општествената работа и фондацијата „Елеуса“ за особен придонес во областа на социјалната заштита.

Наградата за животно дело за 2023 година за особен придонес во областа на спортот ја доби Горан Пандев.