Градоначалникот Костадин Костадинов со своите соработници и дел од членовите на Советот на општина Струмица, денеска изврши увид во изградбата на мостот „Обединување“ на реката Водочница, што едно од неговите главни предизборни ветувања кое се реализира во првите 10 месеци од мандатот. При тоа, тој ја потенцираше важноста на мостот.
Овој мост е основа за да можеме да го реализираме уште поголемиот проект, а тоа е новиот булевар во општина Струмица „Братство Единство“ и секако да започнеме со реализација на новиот градски пазар којшто е предвиден овде и за кој е порачана техничко – проектна документација и е во финална фаза.
Со ова заокружуваме една убава година за општина Струмица и докажуваме пред цела Македонија дека и во ова време на криза, Струмица знае да биде отпорна на кризите, Струмица знае како да се вложува во вистински проекти кои се од интерес на граѓаните. Не очекуваат уште многу такви големи инвестиции во градот и населените места, една од нив, а за која веќе е распишана јавна набавка, е најголемиот проект досега во општина Струмица, а тоа е Социјалната населба во Турското маало, прва фаза. Нека ни е со среќа првиот булеварски мост во историјата на општина Струмица, рече градоначалникот Костадинов.