Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ почна со генерално чистење на градот во пресрет на карневалските празнувања кои ќе започнат на 18 февруари. Главен акцент, според Бранко Ѓоргиев раководител на работната единица „Чистота“, е ставен на главните влезови во градот.
Во текот на вчерашниот ден екипи на Јавното претпријатие чистеа на булеварот „Гоце Делчев“ кон населеното место Дабиле и на улицата „Климент Охридски“, односно, на влезот во градот од кај Валандово. Ќе се чисти и влезот од кај Радовиш, а истовремено се чистат и останатите делови од градот и се подигаат и дивите депонии. Од „Комуналец“ апелираат до граѓаните отпадот од своите домови да го фрлаат на места определени за него и да дадат свој придонес во одржувањето на јавната чистота во градот.