Во Струмица се е подготвено за најголемата забава под маски. Осумдневните карневалски празнувања кои почнуваат утре, на домашните и странските гости ќе им понудат богата програма и незаборавни карневалски доживувања. Во прилог на ова е и потврдата на 22 групи кои доаѓаат од Црна Гора, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија и Турција и ќе учествуваат во карневалската поворка на главната интернационална вечер на 21 февруари.
Според Александар Цицимов, претседател на организациониот одбор на карневалот, ова е одлична бројка на учесници од странство, кои заедно со домашните ќе понудат уште едно прекрасно карневалско издание.Детскиот маскенбал кој ќе се одржи утревечер е првата понуда со која ќе стартуваат годинашните карневалски празнувања, а ќе продолжат на 19-ти февруари со објавувањето на резултатите од конкурсот за најдобри остварувања на тема карневал, изложба на фотографии од карневалот 2014 и традиционалниот концерт под маски на музичкото училиште „Боро Џони“. Свеченото отворање ќе се одржи на 20-ти февруари со традиционалниот маскенбал на кој ќе бидат избрани принцот и принцезата на карневалот, а на 21-ви е главната интернационална карневалска вечер. Карневалските празнувања продолжуваат со детскиот карневал на Прочка, на 22 февруари, на 23-ти е чист понеделник, кога традиционално се вари бел грав, а истиот ден ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер и отворена изложбата и доделени наградите од наградниот конкурс за карикатури и афоризми на тема карневал. Традиционалното карневалско корзо и доделувањето на наградите на најдобрите карневалски маски ќе се одржи на 24 февруари и карневалските празнувања завршуваат на 25 февруари со одбележувањето на тримерските обичаи.