Почитувани членови на Младинскиот совет – Струмица
Велат дека седумката е среќен број. Можеби е така поради тоа што неделата има седум дена, светот има седум континенти, виножитото има седум бои, а музиката се засновува на седум основни ноти. Среќен сум што на почетокот од овогодинешната пролет, ја имате убавата можност да и се израдувате на Вашата среќна седмица.Седумгодишното постоење на струмичкиот
младински совет значи седум години младински активизам во нашата општина, седум години креирање успешна младинска политика и седум години докажување дека младите од Струмица се вистинска движечка сила за поубав живот во општината.Во овие изминати седум години, Вие на дело ја покажавте Вашата инвентивност, организаторска способност и хуманост. Бројните реализирани проекти, културно – забавни содржини и хуманитарни акции, се сведоштво за Вашата посветена ангажираност , а соработката со основните и средните училишта и со другите невладини организации и институции, ја издигнува на пиедестал кооперативноста, како една од најдобрите Ваши особености.Во таа смисла, сакам да ви се заблагодарам за беспрекорната соработка што Општина Струмица и Младинскиот совет ја негуваат и надградуваат во овој изминат седумгодишен период. Искрено се надевам дека на взаемно задоволство таа соработка ќе продолжи и во наредниот период.Честитајќи ви го седмиот роденден, ви посакувам уште многу успеси во младинскиот активизам и истрајност во Вашата намера, Струмица да биде општина по мерка на младите.