Ученици од седмо одделение при основното училиште „Гоце Делчев“ од Босилово денеска ја посетија Територијалната професионална противпожарна единица на Струмица. Тие на лице место се запознаа со работата на единицата и нејзината подготвеност за превентивно делување при пожари, земјотреси и други елементарни непогоди.
Ваквите посети имаат континуитет уште од 2011 година кои беа вклопени во проектните активности кои се одвиваа преку УНДП во кои беа вклучени ученици од основните и средните училишта и дечиња од предучилишна возраст, а со цел да се запознаат со превентивното делување во случај на пожари, земјотреси и други елементарни непогоди. Ја користам приликата да апелирам до сите други наставници од училиштата на територијата на сите четири општини дека Територијалната противпожарна единица е отворена за соработка и вршиме вакви презентации во рамките на предметите кои што ги изучуваат, рече Мијалче Крстев, командир на ТППЕ – Струмица Командирот Крстев, денеска упати уште еден апел до сите граѓани, да го искористат овој пролетен период како најповолен за чистење на оџаците и да не го чекаат почетокот на новата грејна сезона со неисчистени оџаци, бидејќи најголем дел од интервенциите на Територијалната професионална противпожарна единица во зимскиот период беа поврзани со нив.