Денеска во Лозана, Швајцарија, се одлучува дали македонската одбојкарска репрезентација идната сезона ќе игра во Светската лига. На првиот и единствен прием кој што сребрените момчиња го имаа кај градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев, изјавија дека учеството во Светската лига е нивниот сон,
затоа што имаат и веруваат во својот квалитет. Но, финансиските средства се нивната најголема грижа. Тие беа и причината поради која во Полска, на финалето на Европската лига, каде што пласирајќи се на второто место го постигнаа најголемиот успех на македонската одбојка, патуваа со автобус.Градоначалникот Заев на македонските одбојкарски репрезентативци им даде максимална поддршка и рече дека лично ќе се заложи во решавањето на финансиските проблеми доколку ја добијат можноста да играат во Светската лига и упати апел за поддршка.Имаме чест со дел од репрезентацијата, со нашите струмичани, да ја испратиме пораката дека е вредно да се помага и финансира овој значаен спорт и тоа до сите политичари, до власта, општините, но и приватниот сектор, посебно за идните чекори кои што се пред нив, а се многу важни и таа среќа која не огреа нека биде дополнителна причина за сите да насочат и внимание, финансии и ресурси за поддршка на овој спорт. Јас сум убеден дека квалитетот на нашата репрезентација многукратно ќе ја оправда помошта за да напредуваме понатаму и во афирмацијата на одбојката, а со тоа и во афирмацијата на нашата Македонија. Општина Струмица со поддршката која што ја дава од својот буџет е присутна во одржувањето на квалитетот на одбојката. Општината помагајќи 48 клубови од програмата за спорт ќе ја продолжи поддршката и се радуваме како мали деца кога доаѓаат круните. Во тоа име, јас и како политичар, можам да испратам порака до централната власт која што по дифолт треба да ги поддржува репрезентациите, да се изнајдат финансиски средства, затоа што еве, нашите играчи кажуваат дека ние имаме квалитет и за учество во светската лига, не смеат парите да бидат проблем за учество, а со тоа и за афирмација на Република Македонија преку спортот, кој е најголемиот амбасадор на државата, рече градоначалникот Заев.