Ќе се подобрува енергетската ефикасност на Клоновите 2, 3 и 4 на градинката „Детска радост“ во Струмица. Реконструкцијата и адаптацијата на објектите ќе се врши во рамките на проектот „Подобрување на енергетската ефикасност на 10 јавни згради во Југоисточниот плански регион“, кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион заедно со 10-те општини во регионот, а кој е финансиски поддржан од ЕУ и од Германското Друштво за Интернационална соработка ГИЗ РЕД Македонија.
Во рамките на Проектот, општина Струмица во соработка со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, денеска, организираше работилница на која беа презентирани резултатите од Проектот, моменталната состојба во овие објекти како и бенефитот од реконструкцијата и адаптацијата на истите.Во рамките на овој проект општина Струмица се определи за подобрување на енергетската ефикасност во детските установи, тоа се Клон 2, 3 и 4, за кои документацијата е целосно изработена, ревидирана, а е изработен и енергетски елаборат. На денешната работилница се презентирани податоците од моменталната состојба и какви би биле резултатите од реконструкцијата и адаптацијата на објектите. Согласно директивите на ЕУ за енергетска ефикасност до 2020 треба барем 20 проценти да ги намалиме сите издувни стакленички гасови од греењето и затоплувањето и да ги намалиме трошоците кои ги имаме. Целната група ни се учениците и децата од предучилишна возраст, изјави Ристо Чивчиев од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.