Утревечер, 27 мај, со почеток во 19,30 часот, во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, ќе започне десеттото издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. На присутните ќе им се обрати градоначалникот Зоран Заев, кој заедно со општина Струмица, во континуитет од самиот почеток, финансиски го поддржуваат фестивалот.
Покрај доделувањето на наградата Астер за високи достигнувања во европскиот и светскиот филм на режисерот Борис Геретс и специјалното признание за високи достигнувања во филмската и драмската уметност на актерката Љупка Џундева, премиерно ќе биде прикажан и краткиот игран филм „Хелиум“ на Андерс Валтер кој го доби Оскарот оваа година. Жирито кое ќе ги оценува филмовите во компетиција е составено од Биргит Стаубер, Желимир Гвардиол и Стефан Шашков. Фестивалот ќе се одржува под мотот „Ново и старо“, а завршува в сабота со проекција на наградените филмови.