Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска одржа прес конференција на локалитетот „Цареви Кули“, на која информираше за досегашните, тековните и идните активности на овој локалитет, а чија цел е максимално искористување на туристичките потенцијали на општината и нивно приближување до граѓаните и туристите.Интегрален текст од прес конференцијата на градоначалникот Зоран Заев.Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓаниЛокалитетот „Цареви Кули“, симболот на Струмица, добива нов лик.
Од пролетта тука почнаа градежните активности кои веќе го дефинираат новиот изглед. Токму поради тоа, денеска сме тука да ја информираме јавноста за тековните и идните активности, но и да го презентираме досега сработеното.Активностите за конзервација, реставрација и делумна реконструкција на локалитетот „Цареви Кули“ се реализираат во рамките на спроведувањето на проектот НАСЛЕДСТВО, финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за прекугранична соработка. Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 12 милиони и триста илјади денари и истата е финансирана од Европската Унија. Обезбедените средства се наменети за конзервација, реставрација и делумна реконструкција делови на тврдината околу постојната кула (југозападна кула) и бедеми и делови на тврдината околу северната страна на тврдината, односно делот од тврдината лоциран над градот.Во моментот градежните активности се одвиваат на југозападниот и јужниот бедем и југозападната кула, односно околу сочуваните делови од тврдината. Од почетокот на градежните работи до денес вградени се 457 м3 камен од четири различни видови, а во согласност со постојните елементи на тврдината.Југозападниот и Јужниот бедем во најголем дел се изведени. Вкупната висина на овие бедеми е околу 13 метри. На овој дел од тврдината се завршени сите потребни елементи и тоа вградување на камен, фугирање и обработка со подни и завршни камени плочи. По должината на овие бедеми изведени се и 5 градобрани, а во фаза на градба се уште 4 градобрани кои ќе бидат во продолжение на веќе изведениот југозападен бедем. Исто така, околу овие бедеми завршена е и изградбата на патека за движење околу бедемите широка околу 80 см која според археолошките истражувања војниците ја користеле при одбраната на тврдината. Оваа патека е врска со просториите сместени во југозападната кула, кои порано биле наменети за престој на посадата на тврдината, а воедно служела и како магацин за оружје. Овие простории се во фаза на градба, а над нив ќе бидат оформени градобраните на оваа кула.Сето ова е досега направено. Од денеска започнуваат активностите на северната кула и бедеми односно на делот од тврдината лоциран над градот Струмица. Овие активности се приоритетни бидејки ќе овозможат тврдината да се забележува од градот Струмица, и сама по себе ќе претставува нов симбол на градот. Активностите на оваа страна од тврдината повеќекратно ќе го зголемат бројот на посетители на локалитетот „Цареви Кули“.Оваа кула ќе биде висока 13 метри, а бедемот околу неа ќе биде со должина од околу 12 метри и висина од 10 метри. Околу бедемот и кулата ќе биде оформен канелиран градобран со оформена патека за движење. Воедно оваа кула ќе служи како видиковец бидејќи истата е лоцирана на позиција од која што има најубав поглед кон градот Струмица и Струмичкото поле.Градежните работи на средновековната тврдина „Цареви Кули“ кои започнаа пролетта планирано е да завршат до крајот на оваа година. За реализација на предвидените активности изработен е конзерваторски проект од страна на Националната установа Завод и Музеј – Струмица.Наредната година Општина Струмица ќе вложи напори за соодветно осветлување на овој дел од тврдината заради потенцирање на објектот сразмерно на неговото значење.Плановите на општината се овој локалитет да биде директно поврзан со панорамски трамвај. Ја користам оваа прилика да кажам дека општина Струмица интензивно работи на овој повеќегодишен проект. Веќе за в среда, 27 август, е закажана презентација на физибилити студијата на која ќе бидат презентирани сите решенија за реализација на овој проект.Сите овие реализирани, но и активности кои допрва ќе се реализираат, имаат единствена цел максимално искористување на туристичките потенцијали на општина Струмица и нивно приближување до граѓаните и туристите.